Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСобранието напладне ќе одлучува за имунитетот на шестемина пратеници

Собранието напладне ќе одлучува за имунитетот на шестемина пратеници

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за денеска напладне ја закажа пленарната седницата на која ќе се одлучува за одземањето на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, во врска со барањето за нивно притворање што до законодавниот дом го испрати Кривичниот суд во Скопје.

Шестемина пратеници се дел од 36-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април оваа година. Нив, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги товари за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста на државата.

Џафери ја закажа седницата откако вчера Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на шестемина пратеници.

За одземање на имунитет на пратеник се гласа со просто мнозинство, односно потребни се 61 глас.

Oд пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираа на денешната одлука на Комисијата, која ја нарекоа „гола желба за политички реваншизам“.

Од опозициската партија велат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на противуставните одлуки на партиската комисија на СДСМ.

Инаку, според објавените материјали за седницата, од Кривичниот суд до претседателот на Собранието пристигнале две барање за одобрување притвор. Едното барање се однесува на барањето за одборување притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски и е потпишано од судијката на претходна постапка Весна Димишкова, а другото е за пратениците Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, потпишано од судијата на претходна постапка, Ненад Савески.