Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСловенците протестираа против мигрантите

Словенците протестираа против мигрантите

Стотици луѓе се собраа вчера во центарот на Љубљана на протест против пропуштањето на имигрантите низ Словенија, додека во парламентот на вонредна седница истото го бараше опозицијата, предложувајќи и формирање на „национална гарда“ од доброволци кои би ги штителе границите.

На протестот кој го организираше Словенечката народна партија (SLS), членовите на партијата и нејзините симпатизери порачуваа дека бегалците во Словенија не се добредојдени и ја повикаа владата „да се однесува одговорно и да не оди во ќорсокак“ во кој, како што велат, ја доведуваат оние кои навистина одлучуваат во Европската унија.

Пратениците на Словенечката демократска партија (SDS), на поранешниот премиер Јанез Јанша, бараа во парламентот од владата и од присутната на вонредната седница министерка за внатрешни работи Весна Ѓеркеш Жнидар, веднаш да се запре примањето „илегални имигранти“ од Хрватска, по целата должина на границата да биде поставена бодликава жица и да се дозволи формирање „национална гарда“ составена од патриотски поединци кои би ја штителе границата од нелегално влегување на имигрантите.

Владата не го прифати овој предлог, но министерот за надворешни работи Карл Ерјавец најави дека Словенија во четвртокот ќе реагира на рестриктивните мерки за имигрантите коишто во средата ги воведе соседна Австрија, и оти ќе реагира „реципрочно“ со свои мерки на јужна Шенгенската граница. Можно е воведување лимит на бројот имигранти, најави Ерјавец, признавајќи дека Австрија уште официјално не најавила колку од четвртокот максимално ќе прима имигранти преку Словенија.

Претходно медиумите објавија дека Австрија од четвртот па до почетокот на февруари, од кога целосно ќе се применуваат во средата донесените мерки за построга контрола и селективно пропуштање на имигрантите само од кризните области, ќе прима најмногу 500 имигранти дневно, па истата мерка би требало да се очекува и на границата меѓу Словенија и Хрватска.

Поради лимитот на бојот на имигрантите кој Австрија е подготвена да ги прифати до 2019 година, односно 1,5 отсто од вкупното население, единствената влезна точка по која тие од Словенија во иднина ќе влегуваат е граничниот премин Шентиљ, а ќе престане можноста за нивно превезување во Австрија со возови или автобуси.,

Проверката на имигрантите и на другите патници на австриско-словенечката граница во иднина ќе биде детална, ќе се прегледува целиот нивен багаж и документите. Ќе бидат одбивани оние лица кои нема да побараат азил во Австрија или Германија, како и оние кои претставуваат безбедносен ризик, кои се претставуваат со фалсификувани документи или потекнуваат од ткн сигурни држави. Австрија ќе ги враќа во Словенија и лицата за кои од базата податоци ќе се утврди дека имаат криминално минато.

Словенечките функционери истакнуваат дека следните денови поради австриските мерки ќе биде потребно да се осигура подобра комуникација на државата од ткн балканска бегалска рута. Љубљана истакна дека поради можноста мигрантскиот бран да зајакне напролет, нема да се тргне оградата од бодликава жица поставена на границата со Хрватска. За оние кои ја сечат или ја оштетуваат жицата, може да е одреди казна до две години затвор. Досега имало 19 такви случаи, а утврден е идентитетот на двајца сторители, објави вчера полицијата од Копар.