Wednesday, Apr 26, 2017
HomeДЕНЕШНАСкопјеСкопје го слави денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор

Скопје го слави денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор

Скопје денеска ја слави слободата. Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации денеска се одбележува 13 Ноември.

По тој повод, градоначалникот Коце Трајановски денеска се сретна со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. Потоа делегација на Град Скопје положи цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.
13novПред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата високи државни делегации, борците од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, претставници на општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје положија цвеќиња.

Од 9 до 17 часот во Центарот за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје ќе се одржи традиционална крводарителска акција. Во трговскиот центар „Скопје сити мол“ во 18 часот концерт ќе имаат хоровите од средните училишта во Град Скопје.

Во Музејот на Град Скопје вечер, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата на уметнички слики од доајенот на македонското современо сликарство проф. Родољуб Анастасов.
13cnovНастаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември ќе продолжат вечер во Македонската опера и балет, каде ќе биде доделена наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Годинава во областа на науката и публицистиката добитници се професорите Димитар Мирчев и Беким Кадриу, а во областа на образованието педагогот во пензија Баки Бакиу. Писателот Џабир Ахмети и драматургот Братислав Димитров се наградени од областа на културата. Актерката Јелена Жугиќ и архитектот Јован Стефановски-Жан се наградени во областа на уметноста и архитектурата.

Од областа на здравствената заштита и хуманитаната активност наградата ќе ја понесат педагогот Поликсена Илиоска и доктор Гордана Петрушевска. Наградата најдобар спортист ќа ја добијат Стојна Вангеловска и Игор Стефановски-Иџе. За успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности награден е студентот на Стоматолошкиот факултет Скопје при УКИМ Марко Младеновски.

Наградата „13 Ноември“, Град Скопје ја доделува во знак на признание за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот, како и други сегменти на животот и творештвото што претставуваат посебен придонес во развојот на Скопје.
13 mnovoВо МОБ ќе бидат изложени и дела од 10. меѓународна ликовна колонија „Скопје 2015“, а концерт ќе имаат првенците на МОБ.

Од спортските манифестации, овој месец се одржаа Меѓународен кугларски турнир „Скопје Опен 2015“, традиционален шаховски турнир на пензионерите од Скопје и финални натпревари на Турнирот во мал фудбал на јавните претпријатија во Град Скопје… Денеска ќе се одржи Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, а утре ќе има финални борби и доделување на Златниот гонг. За 15 ноември е предвидено традиционалното искачување на врвот Љуботен, традиционален меѓународен ватерполо турнир, карате турнир „13 Ноември“, финални натпревари на „Меѓународниот хокеј турнир Скопје“ и ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.

На 13 ноември пред 71 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.