Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШилегов: Очекуваме силна осуда на повиците за насилство промовирани од Груевски

Шилегов: Очекуваме силна осуда на повиците за насилство промовирани од Груевски

Очекуваме еврокомесарот Јоханес Хан при утрешната посета на Скопје да ги пренесе препораките кои веќе се дадени од Европската комисија, од Советот на министри на ЕУ, од Могерини, а тоа е дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

– Очекуваме дека тоа ќе биде пораката пратена до Иванов и Груевски, очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите на политичко насилство и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски – рече Шилегов, прашан кои се очекувањата на СДСМ од утрешната посета на странските дипломати.

На прашање, дали од СДСМ ќе го прифати политичкиот документ кој го најави претседателот на ВМРО-ДПЛМНЕ Никола Груевски, Шилегов рече:

– Груевски ја создаде оваа криза. Никола Груевски не може да биде дел од решението на оваа криза. Дефакторизираниот Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор во Република Македонија. Македонија му кажа збогум и тој е минато во политиката на Македонија.

Коментирајќи ги дојавите кои, како што рече дека, ги имале во СДСМ од загрижени родители за наредбата нивните деца утре да бидат носени на големиот протест во Скопје, Шилегов изјави дека е очигледно дека обидувајќи се да избегне од криминалите, обидувајќи се да избегне одговорност, Груевски не мисли на ништо, вклучително и на безбедноста и на животите на најмладите.

– Да злоупотребуваш малолетници за политички цели зборува за паниката во која се наоѓа Никола Груевски – изјави Шилегов.

Тој очекува најбрзо што е можно да се закаже седницата на Собранието на која ќе се избере претседател и да продолжи да се движи демократскиот процес.

– Очекувавме тоа да се случи уште минатата недела. Неодговорно е Македонија да зависи до тоа што Илија Димовски се сонча на некоја плажа во Грција затоа што бил на викенд и не можеме да продолжиме со работата на Собранието – одговори Шилегов на прашањето, што очекуваат од утрешната координативна седница на Собранието.

За тоа, што ако странските гости не го разубедат Иванов конечно да го даде мандатот, кој од Унгарија ги повтори ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, дека нови избори може да се решение за политичката криза, Шилегов рече:

– Иванов треба да е свесен за сопствената лична, правна, но меѓутоа и историска одговорност која што ја има за судбината и за иднината на Македонија. Во Македонија прво мораме да го вртиме назад уставниот поредок. Ако ја задржиме сегашната пракса, зошто ни се нови избори? Може на Иванов ќе му текне да не го даде мандатот и после другите избори? Се доведуваме во апсурдна ситуација. Во Македнија имаше избори, на Македонија не и се потребни избори. Граѓаните кажаа дека им се потребни промени, формирано е ново владино мнозинство во парламентарна демократија. Ѓорге Иванов нема право да се противи на Уставот на Република Македонија“.