Saturday, May 4, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСепак ќе се протестира. Француските власти одлучиле да го дозволат утрешниот протест

Сепак ќе се протестира. Француските власти одлучиле да го дозволат утрешниот протест

Француските синдикати денеска објавија дека им е дозволено утре да го одржат протесниот марш против реформите на законот за труд, откако претходно полицијата објави дека ги забранила протестите, поради стравување од насилства, што предизвика остри реакции од политичарите.

Претставниците на синдикатите поладнево објавија дека владата конечно се согласила да го дозволи демонстрациите најавени за во четврток, откако полицијата претпладнето објави дека го забранила одржувањето на протесната поворка по улиците на Париз.

„По тешки преговори со министерот за внатрешни работи, синдикатот и студентските организации го вратија правото да демонстрираат по маршрутата која ја одреди министерството за внатрешни работи“, изјави на прес-конференцијата Филип Мартинез, од еден од водечките француски синдикати CGT, кого го сметаат за крајно левичарски.

Додаде дека владата, исто така, дала зелено светло за демонстрациите следниот вторник, во пресрет на гласањето во Сенатот за контроверзните предлог реформи на законот за работни односи, за кои социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд тврди дека ќе го олесни вработувањето, додека синдикатите сметаат дека го фаворизира работодавачите на кои им овозможува да ги заобиколуваат националните закони и можат полесно да ги отпуштаат вработените.

Мартинез пред новинарите застапуваше седум синдикати и студентски организации и здруженија кои се организатори на протестите во четврток. Според него, договорена е маршрута долга 1,6 километри блиску до строгиот центар на француската престолнина.

Се очекува подоцна во средата изјава за медиумите во врска со најавените протести да даде и министерот за внатрешни работи Бернар Казнев.

Париската полиција претходно објави дека го забранила утрешниот протест, поради стравување од повторување на мартовски сцени кога избувна насилство. Забраната предизвика шок во Франција, вклучително и кај поголем дел од политичарите.

Челничката на крајно десната партија Национален фронт (FN), Марин Лепен, изјави дека забраната претставува „капитулација“ пред маскираните демонстранти познати како „casseurs“ (прекинувачи). Во својот твит ваквиот чекор го нарече „сериозно нарушување на демократијата“.

Пратеникот дисидент во владејачката Социјалистичка партија, Кристијан Пол ја осуди забраната како „историска грешка“. „Ова е без преседан. Знам дека постојат ограничувања кога станува збор за одржувањето на јавниот ред, но сепак слободата да се демонстрира е фундаментално“, додаде пратеникот во изјавата за телевизијата BFM TV.

Макфакс