Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСе планира намалиување на бројот на учениците во паралелките

Се планира намалиување на бројот на учениците во паралелките

Министерството за образование и наука отвори широк консултативен процес во кој се вклучени претставници на синдикалните организации, наставничките и професорските пленуми, студентскиот пленум, граѓанските организации и експерти кои работат во областа на образованието.

„На јавноста и е веќе познато дека во Министерството за образование и наука е формирана група која расправа за потребата од измена на Законот за високо образование, во која покрај останатите, е вклучен и претставник од СОНК. Неговото учество во досегашната работа на комисијата, според Министерството за образование и наука е суштинско, а не протоколарно, и го цениме посветениот придонес и ангажман на сите членови, вклучувајќи го и претставникот од СОНК.

Што се однесува до реформите во основното и средното образование, во тек е процес на формирање на повеќе работни групи кои ќе работат на реформите во одделенската настава, предметната настава и средното образование, вклучувајќи ги и законите кои што ја регулираат материјата во оваа област. Во овие работни групи отворени се вратите за сите организации, синдикати, пленуми, кои сакаат да придонесат за подигнувањето на квалитетот на образованието, кое беше срозено од претходната власт.

Што се однесува до прашањето дали реформите во образованието ќе значат и намалување на бројот на наставниот кадар, тоа прашање беше дискутирано и на средбата која што ја имавме со претставниците на СОНК и другите синдикални организации, пленуми и граѓански организации, каде што беше јасно укажано дека намалувањето на бројот на предмети нема да значи и намалување на бројот на наставниот кадар“, се наведува во реакцијата на МОН.

Министерството за образование и наука планира намалување на бројот на учениците во паралелките како една од мерките за подобрување на квалитетот за наставата. Исто така, планира и намалување на бројот на часовите на наставниците со поголем стаж заради создавање можност за нивно ангажирање како ментори на наставниците со помал стаж.

Во МОН се надеваат дека синдикатите, пленумите и граѓанските организации ќе работат со добра волја и ќе соработуваат меѓусебно, како и со Министерството за образование и наука, во процесот на реформи во образованието кои пред сè се во интерес на учениците.