Friday, May 3, 2024
HomeUncategorizedРауфи: УБК го крие клучниот доказ за вистината за “Диво Насеље“

Рауфи: УБК го крие клучниот доказ за вистината за “Диво Насеље“

„Управата за безбедност и контраразузнавање направила селекција на прислушуваните разговори и скрила дел од доказите кои се од клучно значење за овој случај“, обвини денес адвокатот Насер Рауфи во завршен збор на судењето за „Диво Насеље“ во кое тој ги застапува дел од обвинетите, јавува „МКД“.

Адвокатот Рауфи посочи дека во овој судски процес изоставени се клучни докази, а тоа се разговори со високи политички и полициски структури, за кои самите обвинети признале дека постојат. Во завршен збор на денешното продолжение на судењето, адвокатот Рауфи побара да се обезбеди телефонски разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај, алијас командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Постои телефонски разговор меѓу Мирсад Ндрецај и Али Ахмети, а за тоа знае и обвинетиот Анди Красниќи, кој бил во близина кога Ндрецај зборувал со Ахмети. И останатите обвинети кажаа дека имаат направено повеќе разговори од оние кои се објавени. Пропуст е и тоа што УБК не направила идентификација на гласовите, што е неопходно“ рече адвокатот Рауфи.

Според Рауфи обвинението за овој судски процес е паушално и непрецизно. Адвокатот во завршен збор пред судот образложуваше и на кој начин полицајците кои беа повредени во нападите ги добиле повредите, и посочи дека, тоа според него, не се тешки телесни повреди. Забелешка стави и на тоа дека во два обдукциските наоди недостасува времето и далечината од која е пукано во членовите на групата.

„Сами Укшини не е организатор на групата, а тоа го потврдуваат и дел од обвинетите. Укшини истакна дека Мирсад и Бег биле одговорни. Обвинетите кажуваат дека идејата да влезат во Македонија била на момците од Ослободителната војска, чиј водач бил Ндрецај. Тој им кажал дека треба да им се помогне на момците во Куманово, но им посочил дека се работи за мировна мисија, дека требало да објават соопштение за правата на Албанците“, рече Рауфи.

И ова судско рочиште за „Диво Насеље“ помина со бојкот од дел од обвинетите. Тие посочија дека ќе останат во судница само кога спроти нив на ќе седи обвинител од Специјалното јавно обвинителство и тој ќе постапува во овој случај.

На минатите рочишта обвинителството образложувајќи ги доказите побара од судот обвинетите да бидат огласени за виновни бидејќи, како што посочи обвинителот Наум Паноски постојат цврсти докази дека е сторено кривичното дело тероризам, а за висина на казната обвинителството остави да одлучи судот.

Судењето продолжува во понеделник со завршен збор на останатите обвинети и нивните бранители.

Во судскиот процес за случајот Диво Насеље на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација. Во нападите на 9 и 10 мај, 2015 загинаа осуммина припадници на МВР , а околу четириесетина беа повредени.