Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПроцесот „Жан Моне“ не е замена или продолжување на Договорот од Пржино, тврди Вајгл

Процесот „Жан Моне“ не е замена или продолжување на Договорот од Пржино, тврди Вајгл

Последната недела на јануари следната година, претставници на политичките партии, европратеници, експерти од ЕУ, заедно со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан и претставници на францускиот Парламент и на француската влада, во Париз ќе го почнат процесот на меѓусебен дијалог за важни прашања насловен како „Жан Моне“, информираше денеска известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Иво Вајгл.

Тој потенцираше дека ова нема да значи замена или продолжување на Договорот од Пржино, кој ќе остане ист, ниту пак ќе ги промени препораките од експертот Рајнхард Прибе.

– „Жан Моне“ е можност за интеракција на европскиот со македонскиот парламент и ќе даде можност за отворена дебата, но без присутност на јавноста и медиумите. Охрабрен сум од атмосферата што ја имав на средбите во Скопје со координаторите на пратеничките групи, кај кои преовладува духот на соработка, меѓусебна почит и волја да се работи во интерес на граѓаните – рече Вајгл.

Тој потенцираше дека првата средба ќе биде во куќата на Жан Моне, која е симбол за интеграција, но другите средби ќе бидат или во Македонија или во други земји на ЕУ. Вајгл информираше дека, по иницијатива на претседателот на Собранието Талат Џафери првата тема ќе биде процедурите во Собранието и етичкиот кодекс на претставниците во Парламентот, но ќе се зборува и за владеење на правото.

Европратеникот потенцираше дека процесот „Жан Моне“ не значи решавање на проблемите, туку дека тие ќе се решаваат во законодавниот дом на Македонија, кој е суверена институција.

Вајгл изрази надеж дека политичките партии ќе го имаат интересот на државата во прв план и дека ќе се вклучат во конструктивен дијалог во интерес на граѓаните.

Собранискиот спикер, Џафери, од друга страна, кратко рече дека овој процес треба да придонесе следниот извештај од Европската комисија да биде позитивен и да ги започне процесите на патот на македонската евроинтеграција.