Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаПротест: Работниците на МЗТ Леарница со месеци не зеле плата

Протест: Работниците на МЗТ Леарница со месеци не зеле плата

По неколку месеци без добиени примања од плати и придонеси вработените на „Леарница“ излегоа на протест пред Собранието. Очекуваат пратениците да се заинтересираат за состојбите во оваа компанија. Бараат институциите да направат контрола во компанијата и да утврдат дали работи според законите.

-Десет дена како штрајкуваме. Не се почитува законот во компанијата. Се обраќавме до сите институции, како Управата за јавни приходи, Трудова инспекција, Министерството за труд и социјална политика. Во Министерството коректно бевме примени, ама што преземале до сега – уште нема ефект. Уште во октомври пријавивме во Министерството и Трудовата инспекција, но од тогаш уште повеќе се влоши ситуацијата. Бараме институциите да си ја завршат својата работа. Да направат контрола дали фирмата работи законски, како може толку време да не се исплаќаат плати и придонеси, како може да се исплаќаат плати во кеш – изјави вработен.

Работниците тврдат дека селективно се исплаќаат платите и на дел од нив им се исплаќа на рака, дека не се почитуваат работничките права и се ангажираат прекувремено повеќе од она што се дозволува со закон, но и дека нема нормални услови за работа.

Раководството се правда дека компанијата е во лоша состојба бидејќи половично ги исполнува плановите. Тоа е причина што  нема пари за покривање на долгот кон работниците и кон државата. Сметката им е блокирана и поради долгот што го имаат кон ЕВН.