Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаВработените во Скопски пазар бараат плати и придонеси

Вработените во Скопски пазар бараат плати и придонеси

Вработените во Скопски пазар на состанок, директно од раководството на компанијата побараа исплата на заостанатите плати, како и уплата на здравствени придонеси. Тие заминаа од состанокот разочарани, затоа што никој не ги уверил кога точно ќе започне исплатата на платите, ниту пак им ја објаснил подетално причината за доцнењето.

Работниците, кои уште од декември немаат земено плата, а велат дека оттогаш не им се платени ниту придонесите, поставија рок до први април да започне исплатата на придонесите за здравствено осигурување, односно до 15 април да им се исплатат сите заостанати плати. Вработените знаат дека компанијата е во долгови кон банки и добавувачи, но ним им е поважно како да стигнат до парите, затоа што им се натрупале нивни долгови.

„Имавме состанок затоа што немаме плата редовно, затоа што немаме здравствено осигурување. Им поставивме услов да започнат со редовна исплата на приходите, како и на осигурувањата затоа што некои од нас се болни, а некои имаат и болни деца. Ете тоа го бараме“, изјави за Телма еден од вработените, присутен на состанокот со раководството на Скопски пазар.  

По состанокот, компанијата извести дека имале потешкотии со својата малопродажна мрежа преку која трпеле тешки загуби и затоа кон крајот на минатата година била донесена одлука за затворање на малопродажната мрежа и издавање на просторот на други закупци од истиот бизнис.

„Поради ова се јавија доцнења на платите, но поради редукцијата на трошоците очекуваме финансиската состојба и исплатата на личните доходи за брзо време да се стабилизира“, пишуваат од Скопски пазар.

Компанијата, која некогаш важеше за лидер на пазарот и имаше развиена мрежа на супермаркети, започна со продавање и издавање на десетици свои атрактивни недвижнини во обид да „исплива“ од милионските долгови. Според последниот финансиски извештај на СП, во 2017 година фирмата потрошила дури 82.5 проценти од оперативната добивка на отплата на камати за кредити и заеми.