Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПриведени 24 лица поради незаконско доделување земјиште и субвенции

Приведени 24 лица поради незаконско доделување земјиште и субвенции

Вкупно 24 лица од Скопје, Тетово, Гевгелија и од Валандово се приведени денеска во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведена со МВР. Приведените се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со доделување државно земјиште и субвенции, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против 24 лица, од кои 15 службени лица се вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во подрачните единици на ова министерство, а другите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост. Се товарат за штета од 220.000 евра нанесена на вуџетот на Република Македонија.

Според обвинителството, во периодот од 2011 година до 2016 година осомничените службени лица ги пречекориле своите службени овластувања при склучување и раскинување договори за закуп на земјоделско земјиште, а во тоа биле помогнати од другите осомничени. Во исто време, одобрувале исплата на субвенции со кои овозможиле корист на повеќе правни и физички лица на штета на државниот буџет.

Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 поднел предлог за притвор за седуммина од приведените.