Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе добијат ли Чавков, Илиевски, Дамовски, Дурловски продолжен притвор?

Ќе добијат ли Чавков, Илиевски, Дамовски, Дурловски продолжен притвор?

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побарало од Кривичниот суд да им ја продолжи мерката притвор на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави во надлежниот Основен суд Скопје 1 Скопје предлог за продолжување на изречената мерка притвор за лицата осомничени во предметот за кој прашувате“, се вели во одговорот од Обвинителството на прашањето на „Мета“ дали ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе бара или веќе побарало продолжување на марките притвор и куќен притвор што им беа одредени на осомничените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Обвинителството на 28 ноември соопшти дека отворило истрага против 36 лица за насилствата во Собранието, кои ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.

Според официјалните соопштенија на судот, на барање на обвинителството притвор им беше одреден на 28 осомничени, а четворица добија куќен притвор. За четворица од вкупниот број на осомничени нема официјални податоци.

Меѓу притворените се и поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Игор Дурловски и Борис Дамовски, како и актерот Владо Јовановски на кои притворот им истекува на 28 декември.

Инаку на 28 декември им истекува притворот на 19 осомничени, на 29 декември на двајца, а на 30 декември на едно лице.

На шестмината пратеници во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски – кои добија притвор и Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски – на кои судот им одреди домашен притвор, мерките им истекуваат на 5 јануари, бидејќи за нив судот одлучуваше подоцна оти се чекаше од Собранието да им го одземе пратеничкиот имунитет.

Кривичниот суд најдоцна од овие датуми, односно до истекот на првичната мерка треба да донесе одлука дали ќе го прифати барањето на Обвинителството за продолжување на притворите.