Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПрибе: Неопходен е ангажман и мобилизација на институции за спроведување на итните реформи

Прибе: Неопходен е ангажман и мобилизација на институции за спроведување на итните реформи

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров и заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи денеска имаа работен појадок со експертот од ЕУ за реформските приоритети, Рајнхард Прибе.

Димитров изразил благодарност за ангажманот на експертскиот тим предводен од Прибе што со прецизното детектирање на недостатоците во неколку клучни области придонесе кон процесите за надминување на политичката криза.

– Отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Р. Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација со цел доследно спроведување на законите – заклучи министерот Димитров.

Вицепремиерот Османи посочи дека е потребна директна и отворена комуникација по однос на сите прашања кои треба да се решат.

– Свесни сме дека периодот на политичка криза, кој е веќе зад нас, влијаеше на темпото на реформите и спроведувањето на препораките од Извештајот на групата експерти од 2015 година. Во овој процес на исполнување на преземените обврски, од исклучителна важност за нас е вашето вклучување во овој процес, преку вашите совети, надзор и забелешки, имајќи предвид дека вашето име во моментов претставува и синоним за реформи во земјава – рече Османи.

Димитров и Османи ја истакнале цврстата заложба на Владата да ги спроведе реформските приоритети за Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапни преговори. Македонските министри исто така го информирале евроекспертот за активностите на владата за подобрување на односите со соседите.

Прибе на средбата ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот и Реформски приоритети. Тој ја повторил подготвеноста на експертскиот тим да и помогне на Македонија за надминување на посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела.