Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците ќе се „оладат“ на продолжен викенд, од понеделник нова седница

Пратениците ќе се „оладат“ на продолжен викенд, од понеделник нова седница

Во Собранието конститутивната седница ќе продолжи во понеделник во 11 часот.

По неколку паузи кои ги даде претседавачот Трајко Вељаноски за пратениците да се договорат да не бараат „процедурално“ и „реплика“ , седницата продолжи со забелешки и контрареплики.

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ побара  Вељаноски расправата да премине на наредната точка од дневниот ред. Спасовски вели дека ова е овозможено согласно членот 79 став 2 од Деловникот за работа на Собранието.

„Наместо да се испочитува Деловникот и претседавачот со седницата да го стави овој предлог на гласање, заради тоа што во Деловникот, во оваа одредба јасно и прецизно стои дека без расправа се преминува на гласање, уште еднаш Трајко Вељаноски покажа како на најгруб начин се крши Деловникот на Собранието и се узурпира позицијата на претседавач на конститутивната седница“- изјави Спасовски.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ апелираше да се намали тензијата, да се почитува процедурата, и да не се одзема правото на никого.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека намерата да се одземе збор на пратеник е класично политичко насилство и обид за државен удар.

Конститутивната собраниска седница продолжува со денови. Таа почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, затоа што не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом. Претходните денови поминаа во меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.