Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБогоев: сите сме одговорни за здрава животна средина

Богоев: сите сме одговорни за здрава животна средина

 

 Градоначалникот на Општина Карпош, по палењето на отпад кај дивата депонија, на кејот на реката Вардар позади хотелот „Александар Палас“,се обрати до граѓаните преку социјалните мрежи. Тој ја објасни целата ситуација, загриженоста, и ги наведе активностите кои локалната самоуправа ќе ги преземе
Деновиве пристигнаа стотици пораки до мене во врска со пожарот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски”. Потполно го разбирам револтот, разочараноста, дури и гневот кај граѓаните за воздухот што сите заеднички го дишеме. Сите овие чувства постојат и кај мене.
Во изминативе три години исчистивме повеќе депонии: кај хотелот „Александар Палас“, во Злокуќани кај фудбалското игралиште, во Бардовци по должина на Лепенец, а ја затворивме и децениската депонија кај мостот „Газела“.
Чистењето не е доволно и тоа е само една фаза во процесот. Потребно е планско уредување на засегнатите површини, за тие да стануваат пофреквентни и да не делуваат запуштено.
Во оваа насока го правиме големиот парк од мостот „Газела“ до спортско – качувачката карпа, а уредуваме и други јавни површини.
Сепак, поддршката од сите институции и граѓани е неопходна во градењето на функционален систем, во делот на управување со отпадот, но и во други области.
Не сакам да навлегувам во тоа дали пожарите се палат од негрижа или политички причини. Тоа е работа што полицијата и надлежните институции треба да ја истражат.
Меѓутоа, убеден сум дека нема граѓанин, без разлика на која вера, нација, партиско – политичка определба или на социјална категорија припаѓа, што сака да дише отпад и шут. Сите го дишеме истиот воздух и сите сме одговорни за него!
Пожарот е локализиран, механизацијата продолжува со чистење, а инспекциските служби со постојаните дежурства на местото.
Повторувам, сите, буквално сите сме одговорни за чист воздух.
Ви благодарам за пријавите и двонасочната комуникација.
Првиот човек на Карпош, е градоначалник кој е познат по својата активност на социјалните мрежи и комуникацијата со граѓаните која ја нуди интернет сферата.