Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВелковска: Сетот предлози „За зелен и хуман град“ е основната алатка за одржливо управување на Скопје

Велковска: Сетот предлози „За зелен и хуман град“ е основната алатка за одржливо управување на Скопје

Советот на град Скопје расправа за новиот буџет, односно за средствата со кои ќе располага градската администрација предводена од Петре Шилегов во последната година од мандатот. Силни аргументи беа упатени од страна на независната советничка Драгана Велковска.

„Со оглед дека во самиот предлог-буџет што ние советниците го добивме како материјал за седницата не се суштински инкорпорирани сетот предлози „За зелен и хуман град“ кои беа изгласани како приоритети на првиот Граѓански буџетски форум за буџетот за 2021 г. на Град Скопје организиран од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во септември годинава, јас поднесов вкупно 28 амандмани на предлог-буџетот (во прилог) и на денешната седница барам поддршка од колегите советници тие предлози да бидат инкорпорирани во буџетот за 2021 г“, вели Велковска.

„Сетот предлози „За зелен и хуман град“ ја сочинува основата на визијата за зелено и хумано Скопје – градска народна кујна за социјално ранливи категории на граѓани; стратегии за оптимизирање на квалитетот на живот на децата, лицата со хендикеп и Ромите; ресурсен центар за самохрани родители и деца од еднородителски семејства; зголемување на процентот на квалитетна велоинфраструктура и мерки за поттикнување безбедни алтернативни форми на транспорт; вклучување на неформалните постапувачи со отпад во системот и поттикнување селекција на отпад во станбените згради; градски компостари за редуцирање на најмалку 70% од вкупниот отпад; поставување фотоволтаични системи и градска мрежа од мониторинг станици за загадувањето на воздухот, особено на објектите под надлежност на Град Скопје со цел произведување на чиста електрична енергија и прецизно лоцирање на загадувачите; мерки за унапредување на благосостојбата на бездомните животни; зголемување на процентот на (креативно) зеленило во градот“, потенцира Велковска.

Изготвувачи на предлозите се афирмирани организации и активистички групи зад кои стојат илјадници членови и поддржувачи. Содржината на предлозите опсежно и критички се дискутираше на Граѓанскиот буџетски форум.
За Скопје е прекупотребна натпартиска и научно-базирана стратегија за одржлив развој што ќе се темели на принципот на здрава животна средина за сите. За таа цел, нужно е сите средства да се насочат кон реализација на принципите на одржливо живеење. На градот му е неопходно визионерско планирање, што значи комплетно напуштање на застарените концепти на користење електрична енергија од нечисти извори, автоцентрични сообраќајни решенија, прекумерна урбанизација, економија што ја уништува животната средина итн.

„Здравствената криза која ја предизвика и најголемата финансиска криза во поновата историја, но и климатската криза која сѐ повеќе ја чувствуваме и во Македонија, мора да ни послужат како смерница при планирањето на развојот на градот. Општествата денес немаат повеќе никаков простор за погрешни, хаотични и контрадикторни политики“ вели во соопштението Велковска.