Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПомош за настраданите и санација на штетите преку ЕУ, Светска банка и ООН

Помош за настраданите и санација на штетите преку ЕУ, Светска банка и ООН

Европската унија и Светска банка заедно со агенциите на ООН во земјата одговорија на барањето на Владата за помош во справувањето со штетата предизвикана од катастрофалните поплави.

Како што се наведува во заедничкото соопштение на делегациите, покрај тековните напори за помош по оваа непогода, заеднички тим на стручни лица за санација од катастрофи од ЕУ, ООН и Светска банка е распореден на терен за да работат со колегите од земјата во идентификување на причините за поплавите и на проценка на последиците од нив врз населението и економијата.

Раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје Мартин Клауке, изјави дека поплавите од поројните дождови во август се трета катастрофа од ваков вид што ја погоди земјата во последниве 18 месеци и од овие причини, како што вели, важно е да се гледа подалеку од помошта што се дава во вонредни состојби и санацијата на штетата, да се согледа коренот на причините за катастрофите.

Постојаниот координатор на ООН во земјата, Луиза Винтон, објасни дека заедно се фокусираат на спречување на катастрофите. „Ова значи да се осврнеме на недостатоците во инфраструктурата за заштита, како што се одводните канали и системи. Да се смени однесувањето на населението, да се спречи депонирањето отпаден материјал во одводните канали и коритата и да не се градат објекти во делови каде што постои висок ризик од поплави, како и воспоставување системи за рано предупредување кои можат да алармираат брзо за опасност од поплави од пороен дожд“, рече Винтон.

Директорот на Светска банка, Марко Мантованел, изрази жалење поради трагичната загуба на животи, како и загриженост поради позачестените екстремни временски состојби, како во регионот така и во земјата.