Monday, May 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСветПочина најпознатиот бразилски пластичен хирург

Почина најпознатиот бразилски пластичен хирург

Бразилскиот пластичен хирург др Иво Питангуј, чии вештини со скалпел привлекувале бројни славни личности од целиот свет и го направиле културолошка икона во Бразил, почина на 94-годишна возраст, само еден ден откако се појави на церемонијата на Олимпијадата во Рио. Питангуј починал синоќа од срцев удар во својот дом во Рио Де Женеиро, потврди неговиот портпарол Патрисија Салум, додавајќи дека уште од минатата година тој имал здравствени проблеми.

Питангуј, кој наводно како момче се онесвестил кога прв пат присуствувал на операција, што му било овозможено бидејќи бил син на доктор, сепак подоцна станал ценет пластичен хирург во својата клиника во Рио и допринел Бразил да стана еден од светските центри за пластична хирургија.

Во пензија заминал како многу богат човек, а поседувал и остров оддалечен само неколку минути возење со хеликоптер јужно од Рио. Откако се усовршил во Лондон и Париз, Питангуј станал пионер на пластичната хирургија во Бразил, каде убавината е на цена, но и понатаму еден ден во неделата бесплатно ги оперирал сиромашните пациенти.