Saturday, May 11, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПленумот открива неверојатни трошоци од буџетот на Студентски парламент

Пленумот открива неверојатни трошоци од буџетот на Студентски парламент

Студенстскиот пленум открива нови детали за тоа на што се трошат парите од буџетот на Студентскиот парламент. Според „Пленумот“ огромни суми се потрошени за телефонски сметки, забави, авионски карти и за плати на луѓе со истечен мандат, или чии функции не постојат според статутот на организацијата, стои во финансискиот извештај за 2014-2015 година, кој денес беше објавен.

Средствата што ги добива СПУКИМ доаѓаат од буџетот на државата, од донации и од универзитетот, но најголем процент од средствата доаѓаат од студентите.

Според извештајот, во 2014/2015 година, СПУКИМ располагал со 2.650.000 денари, од кои 136.676 денари биле потрошени за в.д. претседателот Кирил Спировски, чиј мандат во тој период е истечен. Дополнително, плата земал и потпретседателот, кој како што нагласуваат од Пленумот, таква функција не постои во статутот на организацијата, односно фиктивно лице земало редовна плата.

– Во документите од Централен регистар, кои ги поднесовме до Ректорат и до јавноста, јасно се гледа дека Кирил Спироски воопшто не бил именуван за претседател тој период, а притоа земал плата – рече Теодора Столевска од Пленумот.

Според неа, студентската организација криминално, неодговорно и несолидарно ги трошела парите на студентите.

– Според извештаите, 181.000 денари биле потрошени за матичните факултети. Проблемот е што не знаеме на кој начин биле трошени парите. Понатаму, видовме дека за телефонските сметки потрошиле 342.250 денари. Она што е многу интересно е дека во еден наврат 62.000 биле потрошени само за една телефонска сметка. Дополнително, имаме информации дека за авионски билети, за само девет лица, биле потрошени 263.000 денари. Патувале во Израел, Москва, Ерменија и Латвија – подвлече Столевска.