Friday, Apr 26, 2024
HomeИздвојувамеОтворено писмо до министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми

Отворено писмо до министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми

Кога завршив факилтет, две години немав работа, па читав се и сешто. Меѓу другата литература, многу ме интересираше народното творештво. Од поговорките најмногу во сеќавање ми остана: „Плаши се кога тишината станува премногу гласна“. Втората мудрост ја запамтив од нашиот прерано успокоен професор, Христо Андонов Полјански дека „Науката и образованието одат рака под рака. Првото е основа за второто, а второто не може без првото“. И сега после многу години поминати во Институтот за национална историја се обидувам да направам се за овие две мудрости да ја имаат истата вредност и денес. Но, не успевам. Еве и зошто.

Со години се соочуваме со Министерството за образование и наука, каде дочекавме да не понижува и потценува секој, кому како ќе се присака. А ние, кубурата си ја чуваме за зло време. Историчари кои не ја почитуваат историјата. Но, не се работи за нас, како вработени во националните институти. Овде се работи за нешто многу вредно, за нашето национално богатство, вредност, традиција. Како и да е, реалноста не удри по нос. И сега други се виновни што носот ни крвави. Каде сме ние, националните институти кои треба да ја носиме националната стратегија на државата, да работиме на национални (државни) проекти? В дупка, ама кубурата се уште ни е обесена на појас.

Вистината се исперчи, колку и да сакаме да ја прикриеме. Нели е таа шило? Имало иселени 4% од целокупното население само во текот на минатата година. И? Ваков податок да излезеше во некоја нормална држава, народот ќе запоседнеше институции, ќе се собереа вработените во институциите одговорни за националните проблеми. Ама ние. Ех, ние.

Децата што ги школуваме по јадно „реформираните програми“ до најновиот КЕМБРИЏ, оние за кои душата ја даваме како пилци ги пуштаме по светот. Во исто време, немаме преглед кој ни заминува, каде, кој ни останува. Иако ова сите потајно го знаеме, но држава треба да има статистика. Нема никаква национална стратегија, ама тоа МОН не го интересира. Министерството е зафатено со беспредметно, смешно, поразително за сите, екстерно. Па, нели децата кога ќе заминат во нивните нови татаковини да треба да бидат и тестирани, да им биде измерено знаењето? А кој им го мери? Алоо, МОН. Има ли кај вас некој вработен кој знае што работи? Има ли некој што ја знае врската меѓу науката и образованието?

studenti reformiПриказна за себе се нашите, домашни или меѓународни симпозиуми, конференции, научни собири. Како ли човек да го нарече она што треба да биде празник на науката кога Министерството за образование и наука одобрува „наменски“ средства за организација и одржување во висина од 10.000,оо денари, во кои се влезени и средствата за патни трошоци? Како освен понижување. Но, она што веројатно е уште поголем шамар за нас, за вработените во националните институти е исходот од конкурсот за поддржани проекти кои се содржани во годишните програми на националните установи за 2016 година и проекти поддржани на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за 2016 година.

Во овогодишната програма Министерството за култура не поддржа ниту еден проект од предложените од вработени во Институтот за национална историја. И ако нема „исклучоци“ тоа би било во ред бидејки нашето МОН со години нема издавачка програма. И, нормално виновни се оние, овие, некои. Само не ние, само не највиновните. Јасно е веќе дека некогашниот елан за просперитет на националната институција е минато. Сега најпрактикуван систем е „one man show“, така што сите комисии за доделување на награди, сите пристигнати покани за проекти се „обезбедени“ од еден-двајца во институцијата. За благонадежните.

Како и да е, малку по малку мразот се топи. Кубурата почнува сериозно да го нервира сопственикот, а научникот почнува да се бунтува во кожинката на послушникот. Господине министер, слушате ли? Тишината станува премногу гласна.

Проф. Д-р Катерина Тодороска до редакцијата на Позитив.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница.