Thursday, Mar 28, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаКолумна Илија Јованов: Младите помеѓу стравот и самопочитта

Колумна Илија Јованов: Младите помеѓу стравот и самопочитта

Јас им велам на младите луѓе: Не мислете на себе, мислете на другите. Размислувајте за иднината што ве очекува, мислете за она што можете да го направите и не плашете се од ништо.
Оваа мисла (во мој слободен превод) кажана од неврологот Rita Levi-Montalcini, добитничка на Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1986 година, ми беше поттик да пишувањето на овој текст.
Веднаш си го поставив прашањето за тоа каде сме ние младите луѓе во ова наше општество? Дали ние се изгубивме на патот по кој одевме за да постигнеме некоја цел и да станеме некој и нешто? Велат дека денес ние младите луѓе сме биле како пешачки премин – се газиме меѓусебно само за да ја преминеме улицата! Улицата би требало да ја симболизира целта што сакаме да ја постигнеме(?). Лесно и без размислување ја прифативме Макијавеловата дека „целта ги оправдува средствата“? Погазувањето на единственото што нас не разликува од животните е оправдано доколку ги постигнеме своите егоистични цели?
Нема да се согласам со тоа, затоа што во основа на човековата еволуција се наоѓа тенденција кон развивање на позитивни и виши емоции, како што се: добрината, љубовта, правдољубивоста, хуманоста, искреноста и, се разбира, чесноста. Но, во основата на сите нив се наоѓа храброста. Токму затоа храброста е и многу ретка доблест. Писателот Албер Ками запишал дека „човек кој не е храбар не може да биде ни чесен човек, зошто за чесност се потребни жртви какви што кукавицата не умее да ги понесе, а потребна е и широкоградост што тој не умее да ја разбере“.
Потребна е и зрелост за да се биде храбар во одредени ситуации. Многу пати досега сме се запрашале дали сме зрели за одредени постапки и за одредени чекори што секојдневно ги правиме? Но, храброста е доблест која е многу полесно да се посака отколку да се постигне! Карлос Руиз Зафон, или како што уште го нарекуваат – генијалниот сликар на мислата, зрелоста ја дефинира како „процес на откривање дека сè она во што сме верувале кога сме биле млади е лажно, а сите оние работи во кои сме одбивале да веруваме на крајот излегуваат вистинити“. Што мислите колку вистина има во ова?
Истиот автор во едно свое дело ќе запише дека „возраста нè тера да забележуваме некои работи. На пример, сега знам дека животот на човекот е поделен во три периоди. За време на првиот, никогаш не ни помислуваме дека еден ден ќе остариме, не мислиме на тоа дека времето изминува и дека од денот кога сме се родиле ние чекориме кон сигурен крај. После првите неколку години младост, доаѓа вториот период кога една личност станува свесна за кревкоста на животот и она што започнува како зрно сомнеж, расте во нас како поплава од несигурности коишто остануваат до крајот. На крајот, кон завршетокот на животот, започнува периодот на прифаќање и како резултат на тоа, перидот на откажување, тоа е периодот на чекање.“
Животот е премногу краток и изминува многу бргу. Од денот кога сме родени ние чекориме кон сигурен крај. Но, младоста е период во кој ние можеме и треба да бидеме најкреативни и најпродуктивни, со мисли, идеи, работа. Јас велам дека животот треба да се живее квалитетно, а дали го живееме квалитетно ќе дознаеме во моментот кога ќе размислиме за работите што сме ги направиле како млади луѓе. Лошо е ако жалиме за работи што сме можеле да ги направиме, но не сме се осмелиле.
Главна пречка кон тоа да се биде храбар на нас младите луѓе ни претставува стравот. Во одредени ситуации, ние како личности чувствуваме страв, иако знаеме и сме свесни дека самата ситуација или пак предмет не претставуваат вистинска опасност за нас. Ние мораме да разбереме дека победата на стравот води кон почит и самопочит, а потчинувањето на стравот нѐ карактеризира нас, пред себе и пред другите, како кукавици.
Заради стравот од одреден авторитет, институција или група и можните последици, кај нас младите, забележлива е тенденција за потчинување која се огледува во однесување кое што не е во склад со личните принципи, норми и убедувања. Некои тврдат дека потчинувањето е вродена потреба кај нас луѓето. Но, потреба од што и за што? Сепак, потчинувањето и послушноста се манифестираат како форма на приспособување на условите во кои живееме. Често ни се случува на сите нас да бидеме сведоци на нечие покорно, лицемерно и понизно однесување. Жално е што ние кон истото приоѓаме со осуда или со доза на презир. Но, потребно е да не заборавиме дека и ние самите понекогаш се однесуваме на ист или сличен начин, иако можеби за себе знаеме да најдеме рационализации и олеснувања за таквото свое однесување.
Во досегашните услови на живот постоела голема присила за покорување и за потчинетост, а премалку поттик за развој на потребите за слобода и независност, како и чувство за лична одговорност. А клучните елементи кои треба да ја карактеризираат секоја млада личност се токму тие – слободата, независноста и чувството за лична одговорност. На крај ќе Ве потсетам повторно – размислувајте за иднината што Ве очекува, мислете за она што можете да го направите и не плашете се од ништо.
Скопје, 12.06.2013 година