Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОстанува неизвесноста околу случајот Макпетрол, нема одговори од државните институции

Останува неизвесноста околу случајот Макпетрол, нема одговори од државните институции

Во македонската јавност случајот со обидот за преземање на Макпетрол е главна тема, но државните институции и натаму молчат за ова прашање.

Ниту еден државен орган, вклучувајќи ја и најповиканата институција, Комисијата за хартии од вредност, досега не се изјасни за основаните сомнежи дека Макпетрол сакаат да го преземат сомнителни бизнисмени со матно минато.

За случајот деновиве се заинтересира и Европската енергетска заедница со седиште во Виена, која испрати писмо до Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика, со барање да се разјаснат дилемите околу сомнителното потекло на капиталот на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“. Засега нема одговор до ЕЕЗ од македонските институции.

Темата „Макпетрол“ вчера стигна и до Собранието – на седницата за пратенички прашања, пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев запраша дали власта преку молчење и целосна неактивност на државните институции го потпомага преземањето на Макпетрол од сомнителна странска компанија, за да се уништи или замолчи Телма пред изборите.

Околу случувањата со Макпетрол се огласи и поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, кој јавно ги повика институциите да го заштитат стопанството од сомнителниот капитал од странство.

„Ако се нормални и одговорни функционери на Република Македонија, не може да не ги интересира какви белосветски хохштаплери го запоседнуваат имотот и пазарот во државата“, изјави неодамна Гошев за Телма, коментирајќи го односот на институциите кон случајот „Макпетрол“.

Како што е веќе познато, еден од претставниците на „Балкан Петролеум“, Ури Бидер, користејќи компанија со исто име, ја презел рафинеријата „Рафо“ во Романија, по што таа пропаднала, а илјадници работници останале на улица.

Макпетрол е најголемата и најстарата нафтена компанија во земјава, и е една од последните големи македонски фирми кои се во сопственост на домашни бизнисмени. Во компанијата работат преку 2 000 луѓе, а таа за давачки кон државата издвојува околу 170 милиони евра годишно. Според експертите, повторувањето на сценариото од романската „Рафо“ во земјава би било катастрофално за македонското стопанство, а пазарот со нафтени деривати би доживеал шок, кој ќе ги погоди сите граѓани.

Токму големината на Макпетрол и неговото значење за македонската економија треба да биде најсилната причина за реакција на надлежните институции. Но, и покрај повиците од експертите и антикорупционерите, државата сè уште е во необјаснив молк околу целиот случај.

Извор: plusinfo.mk