Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани oчекува целосен фокус на администрацијата во исполнувањето на Планот 3-6-9

Османи oчекува целосен фокус на администрацијата во исполнувањето на Планот 3-6-9

Денес во Влада на Република Македонија, се одржа 37 состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ). Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на Претседател на комитетот ја водеше седницата на која присуствуваа државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, раководителите на работните групи, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.

Главна Тема на состанокот беше реализацијата на обврските од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација (ССА) како и работата на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ) и неговите активности врзани за имплементацијата на Планот 3-6-9+.

На седницата, Вицепремиерот Османи ја презентираше содржината на новите делови шест и девет, од Планот 3-6-9 и предвидената динамика за имплементацијата на реформите.

Најпрвин Вицепремиерот Османи изрази задоволство од имплементацијата на првиот дел од Планот, делот три, за кој, како што наведе Османи, постои задоволителна исполнителност од над 80% од предвидените мерки и активности. „Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување на фер, слободни и кредибилни избори, што беше една од главните цели на Планот “ истакна Османи, додавајќи дека потврда за тоа се извештаите на сите релевантни институции кои го следеа изборниот процес, меѓу кои секако е и ОБСЕ/ОДИХР.

Османи ја истакна одговорноста на улогата на членовите на Работниот комитет за фокусот на предложените реформи притоа потенцирајќи дека времето е фактор, па од тука, од аспект на временската димензија, позициите и аспирациите, периодот од декември до јануари наредната година е круцијален, период во кој домашната јавност и ЕК очекуваат видлив напредок во реформите во клучните области.

На состанокот, Вицепремиерот Османи потенцираше дека со овие редовни состаноци на РКЕИ ќе се подигне нивото на неговото значење и секако видливоста и важноста, а од државните секретари очекува активно учество во имплементацијата на Планот 3-6-9+, во забрзувањето на динамиката на процесот на евроинтеграција како и редовна отчетност како членови и учесници во работата на РКЕИ.

„Успехот во имплементацијата на реформите во овие шест недели ќе ја дефинира агендата и за наредните шест месеци, што, пак, претставува историски период за постигнување значаен исчекор во затворањето на прашањето за ЕУ и НАТО“ изјави Османи.