Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани до Рот: Берлин да се вклучи во решавањето на спорот за името

Османи до Рот: Берлин да се вклучи во решавањето на спорот за името

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи денеска на државниот секретар на Mинистерството за надворешни работи на Германија за европски прашања, Михаел Рот му ја пренел иницијативата на македонската Влада за стратешко партнерство меѓу Германија и Македонија и побарал вклучување на Берлин во решавањето на спорот за името.

Османи на средбата со Рот, стои во соопштението од неговиот кабинет, го истакнал затворањето на „две од трите клучни политички прашања кои претставуваа пречка за нашите европски интеграции – потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија и предлог-законот за употреба на јазициите“, за кои како што рекол постои политичка волја да биде донесени во Парламентот, посочувајќи дека земјава сега останува соочена со спорот за името со Грција.

„Ви ја пренесуваме иницијативата на нашата Влада за создавање на стратешко партнерство меѓу Република Германија и Република Македонија, со што вашата поддршка би добила и формална суштина… Отстранувајќи ги останатите пречки на патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции, Македонија останува соочена со спорот околу името на нашата земја со Грција, за чие решавање, како Влада но и како држава ни е потребна помош. Затоа сакам отворено да побарам вклучување на Германија во решавањето на овој спор, ако една од највлијателните земји членки на Европската Унија и НАТО“, истакнал Османи на средбата.

Вицепремиерот на средбата на Рот му ја преставил новата политичка состојба и му ја презентирал имплементацијата на планот „3-6-9“, повторувајќи ја посветеноста на Владата за целосно спроведување на сите потребни реформски приоритети.

Османи е во работна посета на Германија, а средбата со државниот секретар за европски прашања на германското МНР е централна во неговата агенда, на која, како што информираат од неговиот кабинет, се предвидени средби со високи државни претставници и влијателни претставници на невладини организации и тинк-тенкови од Германија.