Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаOдземен имунитетот на шесте пратеници

Oдземен имунитетот на шесте пратеници

Собранието денеска на пленарна седница одлучи да го одобри барањето на Основен суд Скопје за одземање на имунитетот и за притворање на пратениците Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поради нивното учество во насилствата што се случија на 27 април годинава во Собранието.

За секој пратеник се гласаше посебно, а седницата ја бојкотираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. За пратениците Крсто Муковски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, пратениците одлучија да го одобрат барањето за притвор со 67 гласа „за“ и без ниту еден против и воздржан, а за Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, пратениците гласаа со 66 гласа „за“.

На расправата која траеше кратко, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека 27 април влегол во „срамната историја на државата“ и дека тој настан мора да биде расчистен.

– Тоа што се случуваше тој ден е спротивно на сите човечки, морални, но и законски правила и прописи. За нас не беше лесно да донесеме конечна одлука. Се потпревме врз практиката и врз мудроста на ова Собрание, кое и претходно се соочувало со вакви притисоци. Собранието не смее да му попречи на судот да работи. Изборот e јасен, не е лесен, но е ескплицитен. Убеден сум дека и нашите колеги и пратеници, за кои расправаме денеска, ја разбираат и ја поддржуваат потребата правдата да го најде својот пат. Ако се убедени во својата невиност, тогаш оваа одлука е во нивни интерес. Институциите имаат должност да го расветлат случајот за никогаш такво нешто да не се повтори – рече Тунтев.

Артан Груби од ДУИ рече дека 27 април треба да биде поука за сите и дека сите треба да бидат рамноправни пред законот.

– Тоа беше тежок ден за демократијата и за нашето општество и држава. Тие сцени никогаш не смее да се повторат и за ова сите имаме одговорност – додаде Груби.