HomeДЕНЕШНАЕкономијаОдмрзната сметката на Макпетрол

Одмрзната сметката на Макпетрол

Одблокирана сметката на Макпетрол со цел непречена работа на компанијата откако Основното јавно обвинителство ја уважи поднесената жалба.

– ОЈО Скопје, постапувајќи по допрен глас (информации објавени во медиумите) во текот на вчерашниот ден прибави дополнителни докази од Макпетрол АД Скопје, од кои се утврди потребата од ослободување на сметките на друштвото со цел овозможување непречена работа, како на Макпетрол АД Скопје во рамките на исполнување на веќе преземените обврски за снабдување со енергенси на други субјекти, така и со цел овозможување на работата на трети правни лица во кои Макпетрол АД Скопје се јавува како единствен содружник и извор на финансиски средства за нивното работење, соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје.

Од тие причини, се додава во соопштението, во рамките на жалбената постапка што се води пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по повод изјавената жалба од правните лица Макпетрол АД и ОИЛКО КДА – Скопје против донесеното решение на судијата на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, доставен е одговор на жалба од Основното јавно обвинителство – Скопје, во кој е даден предлог жалбата на решението во делот на ослободување на банкарските сметки да биде уважена.

– Имајќи ја предвид потребата од следење на работењето на Макпетрол АД -Скопје и ОИЛКО КДА – Скопје до судијата на претходна постапка доставен е предлог за следење на платниот промет и трансакциите на овие две друштва, се нагласува во соопштението.

Од ОЈО – Скопје прецизираат дека по поднесената кривична пријава против раководни лица од Макпетрол АД – Скопје, во тек е предистражна постапка.

Оттаму посочуваат дека согласно Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител и полицијата се сметаат за тајна и во овој момент во интерес на постапката нема да се соопштат активностите кои Основното јавно обвинителство – Скопје ги презема со цел проверка на наводите содржани во кривичната пријава.

– Со оглед на тоа што во конкретниот случај, за злоупотреба на службената положба и овластување се товарат лица кои имаат допирни точки и со двете засегнати правни лица – Макпетрол АД Скопје и ОИЛКО КДА Скопје се наметна потребата од обезбедување на имотот на двете правни лица за времетраење на постапката. Од таа причина до Основниот суд Скопје 1 – Скопје беше доставен Предлог за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, кој предлог беше усвоен од судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, појаснуваат од Основното јавно обвинителство – Скопје.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com