Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНовоизбраните градоначалници да придонесат за реформите, порача ЕУ

Новоизбраните градоначалници да придонесат за реформите, порача ЕУ

Локалните избори што се одржаа на 15 октомври беа спроведени во натпреварувачка атмосфера, стои во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, во врска со изборите.

Во оценката на изборниот процес, ЕУ се повикува на првичниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и ги повикуваат властите во земјава ефективно да ги разгледаат препораките што ќе бидат испорачани од ОБСЕ/ОДИХР.

„Оценката на ОБСЕ/ОДИХР е дека локалните избори придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес и дека фундаменталните слободи на собир и на изразување беа целосно почитувани. Сепак, одредени веродостојни наводи за повреди на процесот беа нотирани во предизборниот период. Властите треба ефективно да ги разгледаат и да ги адресираат претстојните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Европската Унија е подготвена да помогне во овој процес. Земјата треба да го подготви вториот круг од изборите во дел од општините на 29 октомври и сите политички претставници треба да дејствуваат одговорно, а институциите да обезбедат услови за веродостоен и транспарентен изборен процес“, стои во соопштението.

Европската Унија ги охрабрува новоизбраните членови на локалните органи да придонесат во напредокот на реформската агенда што ќе ја приближи земјата кон ЕУ и додава дека Унијата ќе продолжи да ја поддржува земјата во реформскиот процес.