Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНово деветто продолжение на конститутивната седница на Собранието

Ново деветто продолжение на конститутивната седница на Собранието

Пратениците денеска по деветти пат ќе ја продолжат конститутивната седница на Собранието, која претседавачот Трајко Вељаноски ја прекина вчера во 18 часот иако пратениците од СДСМ бараа таа да продолжи цела ноќ.

Тие на вчерашната седница го обвинија Вељаноски дека го прекршува деловникот и побараа да го напушти столчето на што тој одговори дека „не е Дедо Мраз да исполнува желби“.

Вчера речиси сите пратеници на СДСМ и на коалицијата ја напуштија седницата затоа што, како што кажаа, таму се говори за сè освен за точките на дневен ред, односно за изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања.

Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, имаа средба во Собранието на која, како што велат од партиите, се разговарало за решение да се надмине блокадата во Собранието.

– Денешната средба беше во насока на наоѓање решение за да се надмине блокадата на Собранието, а тоа да биде на начин кој го бараат граѓаните од нас. Нема ништо чудно и тајно, туку нормални контакти помеѓу двајца лидери – изјави Артан Груби, шефот на кабинет на Али Ахмети во емисијата „Топ-тема“.

Пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски, исто така потврди дека се разговарало за следните чекори во Собранието.

– Ние не бараме од Ахмети ништо. Ние бараме седницата во Собранието да се одвива во согласност со деловникот – изјави Манчевски.