Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНов ребаланс на буџетот: Владата ќе се задолжи за да ги обесштети поплавените граѓани

Нов ребаланс на буџетот: Владата ќе се задолжи за да ги обесштети поплавените граѓани

Владата планира нов ребаланс на буџетот поради покривање на штетите кои граѓаните ги претрпеа по поплавите. Владата оцени дека се потребни средства од 32,5 милиони евра кои планира да ги обезбеди преку корекција на државната каса. Тоа ќе биде втор ребаланс на буџетот оваа година. Како што објасни денеска премиерот Емил Димитриев, овие средства сега ги имале на располагање, но потоа ќе ги надомести под поволни услови, што упатува на тоа дека се планира ново задолжување од 32,5 милиони евра.

По оваа изјава веднаш следуваше реакција од СДСМ, во која се вели дека планираниот нов кредит е доказ за неспособноста на оваа Влада.

Емил Димитриев изјави дека секое семејство погодено од поплавите ќе добие по 500 евра авансно од буџетот. Исплатата очекува да заврши до вторник.

„Досега од посетените околу три ипол до четири илјади семејства, обработени се податоците за околу 1.950 семејства, така што исплатата на авансот за овие семејства очекувам да почне уште во текот на денешниот ден. Сукцесивно како ќе бидат проценувани и обработувани податоците, очекувам до вторник да бидат исплатени авансно сите семејства со по 30 илјади денари“, вели Емил Димитриев, претседател на Владата.