Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНов ребаланс на буџетот – дефицитот зголемен на 4 %

Нов ребаланс на буџетот – дефицитот зголемен на 4 %

Минусот во државната каса се зголемува, приходите останувата на исто ниво, трошењата на Владата растат. Ребалансот на Буџетот стигна во Собрание. Според новите буџетски проекции, дефицитот во апсолутен износ се зголемува за 31,5 милиони евра и ќе изнесува 375,9 милиони евра или 4% од БДП.

Со предложениот ребаланс, приходите остануваат на исто ниво но се зголемуваат расходите. Така, Владата до крајот на годинава планира да собере 2,8 милијарди евра, а да потроши 3,2 милијарди евра. При овој ребаланс има повторно кратење на капиталните расходи за 3,3 милиони евра и тие ќе изнесуваат 363 милиони евра, додека ставката за плати се зголемува на 431 милион евра. Буџетскиот дефицит според предолжениот ребаланс ќе се финасира со државните депозити.

Домашните задолжувања е планирано да останат на исто ниво, странските да се намалат, но се зголемува сумата што ќе се троши од државните депозити. Владата најави дека прави ребаланс за да обезбеди 33 милиони евра за оштета на поплавените.

На овој ребаланс реагираа од опозициската СДСМ од каде сметаат дека ова е показател за хаосот во кој се наоѓаат институциите и предложија буџетските пари наместо за панорамско тркало и други непродуктивни проекти, да се пренаменат за отштета. СДСМ смета дека нема потреба од ново задолжување.

Инаку овој ребаланс на Буџетот следува нецел месец по задолжувањето од 450 милиони евра со еврообврзница и летното прекројување на државната каса, при кое повторно имаше зголемување на буџетскиот дефицит.