Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНевладините движења бараат учество во преговорите за излез од кризата

Невладините движења бараат учество во преговорите за излез од кризата

Повеќе невладини организации и движења бараат нивни претставници да бидат дел од преговорите меѓу политичките партии и дипломатите со цел да учествуваат во изнаоѓањето решенија за излез од кризата. Движењата кои се најактивни на демонстрациите се веќе дел од политичкиот дискурс во Македонија и сметаат дека нивниот глас како најдиректно претставување на граѓанските интереси мора да се слушне.

„Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја. Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите“, изјави претставничката Сања Богатиновска.

88 организации своето барање денеска го упатија и до делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД и четирите најголеми политички партии вклучени во преговорите.