Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов: ЕУ да покаже одлучност и да ни даде датум за почеток на преговори за членство

Иванов: ЕУ да покаже одлучност и да ни даде датум за почеток на преговори за членство

Очекувам Европската Унија да покаже одлучност и на Република Македонија да ѝ даде датум за почеток на преговорите за членство, рече претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на официјалната сесија на отворањето на Форумот „Кран Монтана“, кој почна денеска во Брисел.

– Со секое затворено поглавје, земјата се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и во енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и на благосостојба – изјави македонскиот претседател.

Според Иванов, одложувањето на проширувањето на Унијата дополнително ги усложни состојбите, а статус кво состојбата во интеграциите, во комбинација со економската криза и со безбедносните предизвици, ги направија Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.

– Најпрво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата – истакна претседателот Иванов во своето обраќање на денешното отворање на форумот.