Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНајостра осуда за нападите во Собрание од ЕУ, ОБСЕ, НАТО и САД

Најостра осуда за нападите во Собрание од ЕУ, ОБСЕ, НАТО и САД

Делегацијата на ЕУ во Скопје, американската амбасада, мисијата на ОБСЕ и канцеларијата на НАТО во заедничка изјава најостро го осудија, како што наведуваат, организираниот напад во Собранието кој се случи на 27 април.

„Се состанавме да разговараме за сериозните инциденти во Парламентот и да ја разгледаме безбедносната ситуација. Го осудуваме во најстрога смисла организираниот напад врз Парламентот кој се случи на 27 април. Изразуваме сериозна загриженост поради тоа што властите не успеаја да го спречат и не ја овозможија неопходната безбедност на членовите на Парламентот и присутните новинари. Нападот на државна институција која е во срцето на демократијата е напад на самата демократија“, се вели во соопштението.

Очекуваат дека за овие кривични дела брзо ќе биде спроведена истрага, а организаторите и извршителите на нападите ќе бидат изведени пред правдата и дека судовите ќе постапуваат независно.

„Исто така очекуваме дека државните институции брзо ќе ги извлечат неопходните заклучоци и ќе преземат соодветни мерки. Ги повикуваме сите субјекти да се однесуваат одговорно и да придонесат кон мирен, демократски процес на кој мора да му се дозволи да оди по својот тек. Ги повикуваме сите граѓани да бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени. Со насилство земјата и општеството не може да одат напред“, стои во соопштението.