Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМладите полицајци обесправени: И после две години работат како приправници за двојно помала плата

Младите полицајци обесправени: И после две години работат како приправници за двојно помала плата

Независниот полициски синдикат од министерот за внатрешни работи бара итно распоредување на 400 полициски приправници кои успешно ја поминале обуката за полицајци. Според Правилникот за систематизација на Бирото за јавна безбедност овие млади лица добиваат решение за приправнци за првите шест месеци откако ќе ја поминат обуката, а потоа добиваат решенија како полноправно вработени во МВР, но наместо решение за вработување, младите повеќе од две години работат како приправници и наместо за полна плата од околу 24 илјади денари тие работат за двојно помала од 11.200 денари иако ги исполнуваат сите услови да бидат регуларно вработени во Министерството за внатрешни работи.

-Го замолувам министерот за внатрешни работи ова да го сфати како сериозна порака лично од моја страна и од Независниот полициски синдикат – вели претседателот на Независниот полициски синдикат Делчев Тодев.

Тој потсети дека на 20 мај истекува рокот во кој МВР треба да ги изготви решенијата за полицајци. Исто така, Тодев истакна дека на средбата со претставници на Министерството им било посочено дека во услови на политичка криза, ресорниот министер има само технички овластувања и нема можност да ги потпише решенијата, што го остава отворено прашањето дали статусот на овие лица ќе остане нерешен.