Sunday, May 5, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМило Ѓукановиќ победи, ама може да падне од власт.

Мило Ѓукановиќ победи, ама може да падне од власт.

Најдолговечниот лидер во Европа, кој е на власт подолго и од еден Александар Лукашенко во Белорусија, веројатно, за прв пат во својата политичка историја се соочи со изборен пораз. Во најмалата балканска држава, Црна Гора, на изборите кои се случија вчера, во вонредни околности, поради пандемијата  од  Ковид-19, коалицијата на тридеценискиот владетел Мило Ѓукановиќ, предводена од неговата партија ДПС ( Демократска партија на Социјалистите), освои вкупно  30  пратеници од вкупно 81 во црногорскиот парламент. Во моментов, Ѓукановиќ е претседател на Црна Гора, но во неговата долга политичка кариера бил наизменично и претседател и премиер на оваа земја, но секогаш концентрацијата на политичката моќ била во неговите раце.

Опозициските партии, претставени во две  просрпско-руски коалиции, коалицијата „ За иднината на Црна Гора“, предводена од Демократски Фронт, составена од Покрет за промени на чело со Небојша Медовијевиќ и Нова српска демократија, предводена од Андрија Мандиќ и коалицијата „Мирот е наша нација“ освоија вкупно 27, односно 10 пратенички  мандати.

Платформата „Црно-бело“ освои четири. Социјалдемократите и Бошњачката партија освоиле по три места, Социјалдемократската партија (СДП) – две, а Албанската листа и Албанската коалиција по едно место. Хрватската заедница во Црна Гора, не освои ниту еден пратенички мандат, бидејќи хрватските политички партии се поделија во две групи, и не го пројдоа изборниот цензус.

Со ваков распоред на парламентарните сили, секој може да формира политичка/коалициска влада. Сепак таа ќе биде составена од многу партии со различни етничко-идеолошки предзнаци.

Доколку сакаат просрпските партии да формираат влада, ќе треба во својот состав да земат црногорска опозициска партија, или пак етничките партии на Албанците или Бошњаците.

Црна Гора е најмала и политички најмлада држава на Балканскиот полуостров. Независноста ја стекна преку референдум во 2006-тата година, кога се одвои од државната заедница на Србија и Црна Гора, претходно последниот реликт од бивша Југославија. Мило Ѓукановиќ е 30 години на власт во оваа земја. Важи за контроверзен балкански политичар, обвинуван за шверц со цигари и нафта, за што имаше и подигнато обвинение во Италија во минатото. Црна Гора е членка на НАТО, а ги води претпристапните преговори за влез во ЕУ. Има околу 660.000 илјади жители, со малку под 14.000 километри квадратни. Еден од главните економско-стопански стожери на нејзината мала економија е туризмот, благодарение на 250 километарскиот излез на јужниот дел на Јадранското море, и феноменалната планинска природа со многу шуми и планински езера.