Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакедонското Собрание најзатворено од парламентите во регионот

Македонското Собрание најзатворено од парламентите во регионот

Иако законодавната власт во Македонија е најотворена во државата, Собранието на Република Македонија по нивото на отвореност е под регионалниот просек, покажа истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според резултатите од истражувањето, македонското Собрание исполнува 59 отсто од индикаторите на отвореност што е под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот. Сепак, кога се зборува за работата на Собранието и неговата отвореност, не може да се остави на страна контекстот во кој (не)функционира најзначајната институција во државата.

Од изборите во 2014 година Собранието е во целосна или во делумна блокада, почнувајќи со непризнавањето на резултатите на изборите од страна на опозицијата и 15 месечниот бојкот на работата на законодавниот дом, се наведува во истражувањето.

„И четири месеци по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, конститутивната седница на Собранието сѐ уште трае, а со неа раководи претседателот на претходниот парламентарен состав. Четири месеци државата нема мандатар за состав на влада, бидејќи Претседателот на државата одбива да го додели мандатот на парламентарното мнозинство, а пратениците цел
месец дебатираат за избор на претседател на комисијата која ќе го даде предлогот за избор на нов претседател на Собранието.

Во услови на речиси целосна блокада на законодавниот дом, многу е тешко да се очекува посветеност кон политики и практики кои ќе ја подобрат отвореноста на институцијата. Сепак, граѓанскиот сектор е тој што будно ја следи состојбата и активно дава предлози за подобрување на работењето на Собранието.

И покрај длабоката институционална криза, Собранието сепак е најотворениот прозорец од трите власти, кој редовно ги објавува дневните редови за работа на пленарните сесии и на работните тела, видео и стенограмските записи од пленарните седници, присуствата и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците (но не и нивните плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци, а кои секогаш се предмет на интерес и критика од јавноста и медиумите), како и редовно објавување на годишните извештаи. Во оваа смисла, Собранието може да претставува пример за отвореност за другите власти, особено за Владата, која не ги објавува ниту дневните редови за работа, ниту записниците и заклучоците од одржаните седници.

Инаку, степенот на исполнетост на критериумите за транспарентност на собранијата на земјите од регионот во просек изнесува 63 отсто. И овој резултат не е задоволителен имајќи предвид дека станува збор за органи кои се директно избрани од граѓаните и кои треба да бидат отчетни кон граѓаните.

Мониторингот покажа дека Собранијата се главно нетранспарентни кога станува збор за објавување податоци од седници на парламентарни комисии. Повеќето Собранија не објавуваат документација од гласањата и список на пратеници кои присуствувале на седниците на комисиите. Дополнително, седниците на комисиите во повеќето земји не се пренесуваат на телевезија или радио.
Повеќето Собранија од регионот треба да афирмираат принцип на финансиска јавност и отвореност. Собранијата најчесто не ги задоволуваат ниту минималните меѓународни стандарди на буџетска транспарентност кои налагаат достапност на финансиските документи за јавноста. Официјалните веб страници на повеќето Собранија не содржат информации за буџетите за претходните три години. Дополнително, голем дел од нив не ги објавуваат завршните сметки. Собранијата треба да вршат контрола на јавните трошоци во текот на годината и да објавуваат полугодишни извештаи за трошењето на буџетот“, пишува во истражувањето кое се спроведува преку проект на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.