Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакедонските и турските бизнисмени со здружени сили

Македонските и турските бизнисмени со здружени сили

Зголемување на трговската размена и заеднички вложувања со турски компании во повеќе сектори во Македонија, очекува Сојузот на стопански комори по денешниот бизнис форум со стопанственици од Конфедерацијата на млади бизнисмени од Турција, која престојува во посета на Македонија.

Како што соопшти ССК, анализирани се можности за соработка во секторите: транспорт, градежништво, инженеринг, туризам, агро-бизнис, услуги, ИКТ и образование. „Нашите постојани заложби се зголемување на трговската размена со Република Турција. Сметаме дека бизнис средбите ќе резултираат со поголем извоз на македонските компании на турскиот пазар, но исто така отпочнати се и преговори за заеднички вложувања и инвестиции од турски компании во Македонија и тоа во туризам, агро секторот, прехранбената индустрија како и текстилната индустрија“, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Трговската размена меѓу Македонија и Турција минатата година изнесувала 355 милиони евра што претставува раст од 5,64 проценти во споредба со 2014 година. Во првиот квартал годинава, се вели во соопштението од ССК, продолжува позитивниот тренд и се бележи раст од 16,9 проценти споредбено со минатата година. Турција е една од земјите со најголем број инвестиции во Македонија, како и меѓу првите десет трговски партнери на Република Македонија.