Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМакедонски милионери – кои се најбогатите Македонци

Македонски милионери – кои се најбогатите Македонци

Иако сумите за кои пишува „Форбс“ не изгедаат реално, ова се официјално најбогатите 10 Македонци, од кои петмина се најдоа на листата за најбогатите луѓе во регионот. Европската компанија за истражување на богатство Велт Х, обелодени дека во Македонија има 35 мултимилионери. Нивното богатство вредело вкупно 4 милијарди долари, покажува истражувањето. Или во просек секој од нив располага со над 100 милиони долари.

1. Најбогатиот бизнисмен во нашата земја, Минчо Јорданов, според процените на магазинот, кој тежи 27 милиони евра.

Во „Макстил“, директно или преку други компании, Јорданов контролира акции вредни 18,7 милиони евра и е најбогатиот човек во Македонија. Тој својата кариера ја започнал во 1992-ра година каде што бил ангажиран во фирмата „Дуферко“ С.А. од Лугано, компанија од челичниот сектор. Од 1994 година, тој е член на Бордот на директор и одговорен за земјите на поранешниот Советски Сојуз. Веќе во 1997-ма година станува претседател на Управниот одбор на „Макстил“ АД Скопје и член на Бордот на „Дуферко“.Тој поседува 23.22 отсто акции во градежната компанија “Бетон“. Јорданов е сопственик на 21,3 од акциите и во РЖ „Интер трансшпед“, „Макстил“, пак, поседува 21,37 отсто од акциите на РЖ „Економика“, додека „Репро уан лимитед“ поседува 80,96 во РЖ КПОР.

Во „Факом“ неговите акции вредат 6 милиони евра, а во градежната компанија „Бетон“, ангажирана на најголемиот дел од проектите врзани за „Скопје 2014“, има удел со вредност од 2,4 милиони евра. Во 2012 година фирмите на Јорданов имале 50 милиони евра приходи, а 730.000 евра чист профит. Тој е сопственик и на винарската визба „Стоби“ во која досега има вложено над 20 милиони евра, на приватната клиника „Ремедика“ и на македонскиот шампион во ракомет, клубот „Металург“.

2.Штерјо Наков – е вториот најбогат бизнисмен во Македонија.

Сопственикот на шпедитерската компанија „Фершпед“, хотелот „Александар палас“, винарницата „Сковин“ и други фирми.„Форбс“ за него вели дека е тајкун во сенка, кој пред неколку години бизнисите им ги предал на синовите. Има удели во „Фершпед“ кои вредат околу 3 милиони евра, а преку оваа фирма контролира акции во други компании, вредни 10 милиони евра.

Во шпедицијата „Фершпед“ доминантни акционери се синовите, Драган Наков кој има 11,83 отсто од обичните акции, а неговиот брат Сашо Наков има 11,04 отсто од обичните акции на „Фершпед“. Моменталната вредност на акциите на Наков се проценува на 3.5 милиони евра. Компанијата е доминантен сопственик и на хотелите „Александар палас“, „Фершпед Маврово“ и на охридските „Метропол“ и „Белви“.

На лично име, или преку капитално учество на „Фершпед“ и фирмите во кои компанијата е мнозински сопственик, Штерјо Наков поседува капитал уште во најмалку десетина компании.Наков има удел и во фабриката „Европа“, кој се проценува на 2,3 милиони евра.

3.Кочо Анѓушев – еден од основачите на “Брако“ од Велес. Во 2003 година го основа друштвото за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „Фероинвест“ ДОО експорт-импорт – Велес.

Тоа е дел од конзорциумот што доби концесија за изградба на 21 мала хидроелектрана во Македонија. Во истата година „Фероинвест“ станува сопственик на 50 отсто од капиталот на компанијата „Брако“. Во 2003 година Анѓушев го основа претставништвото на швајцарската групација ЕФТ, а подоцна и фирмата „ЕФТ Македонија“, добива лиценца за трговија со електрична енергија. Како резултат на добиениот грант од Холандија од 1,5 милиони евра, во 2007 година е основана фирмата „Брако веигхпак“, чиј управител е Анѓушев.

4.Живко Мукаетов –главен менаџер на “Алкалоид“ и поседува околу 6.58 отсто од вкупно акции во комапнијата.

Сумата на вкупно акции кои ги има Мукаетов изнесува 6.7 милиони евра. Над 5 отсто од акциите во компанијата поседува и Билјана Јованова. Нејзините акции на берзата се проценети на околку 5 милиони евра.

5. Македонски крал на пијалаците за магазинот „Форбс“ е Свето Јаневски.

Тој долги години беше директор на Пиварницата во Скопје, а неговата компанија „М6“ во 2011 година им ги продаде акциите на „Кока-Кола Хеленик“ и „Хајнекен“ за 34 милиони евра. Јаневски е и сопственик на винарницата „Тиквеш“, каде што поседува акции вредни 6,9 милиони евра. Годишно во „Тиквеш“ се преработуваат околу 55 милиони килограми грозје и се произведуваат околу 35 милиони литри вино.

Голем дел од асортиманот на винарницата е наменет за извоз, а најмногу се продава во земјите од регионот. „М6“ има акции и во „Охрид турист“ со вредност од милион евра.

6. Шефки Идризи – еден од најбогатите тетовци.

Во 1992 година Шефки Идризи ја отвори фирмата „Ренова“ во село Џепчиште, Тетово, како трговско-услужна фирма. Со своите производи направи револуција на домашниот пазар, а се’ поголемата побарувачка придонесе да никне и првиот производствен капацитет на готовите малтери.

Во 1999 година „Ренова“ почнува да ја гради втората фабрика во „Гуреза–Косово“ со двапати поголем капацитет. Фирмата на Идризи е генерален претставник на боите на „Карбон“ од Загреб.

7.Кристина Тодоровиќ – генерален директор на синџирите “Тинекс“ и дрогериите “Космо“.

Се смета дека вредноста на акциите на “Тинекс“ околу 80 милиони евра, кои се наменети за развој и проширување на бизнисот.

8.Сашо Давитковски – првиот човек на “Скопски пазар“.

Тој поседува најголем број акции во СП. На свое име Тодорка Давитковска има 13,12 отсто од вкупниот број обични акции, а синовите Сашо и Тошо имаат по 8,68 отсто, односно 6,56 проценти, според последните податоци на ЦДХВ. Заедно Давитковски поседуваат 28,36 отсто од акциите на компанијата, вредни, според актуелната просечна цена на Берзата, речиси 2 милиона евра.

9.Душко Туџаров – дел од групацијата “Реплек“ АД Скопје.

Според податоците од Централниот депозитар, во „Реплек“ најголем акционер е компанијата „Хенделс“ со 20,24 отсто, но веднаш потоа следуваат Славица Туџарова-Трајковска со 11,57 отсто од акциите и Иван Туџаров со 11,32 отсто. Компанијата „Реплек“ поседува 9,95 отсто од акциите. Акциите на Туџарови вредат 4 милиони евра.

10.Благој Механџиски – основач на “Зегин“, прва приватна комапнија за продажба и производство на лекови во Македонија, регистрирана во 1989-та година.

Се’ до 2006 година компанијата опстојува со 100 отсто учество од основачот, додека во 2006 година во компанијата влегува странски капитал со 50 отсто учество на странските партнери. Странскиот партнер е „Мајлстон“ од Исланд. Од 2007 година е сопственик на винарницата „Лозар“.