Friday, Apr 26, 2024
HomeИздвојувамеКриза на идентитети – лајкувачи на пропаста

Криза на идентитети – лајкувачи на пропаста

 

Станавме виртуелни луѓе, често се прашувам дали навистина постоиме или нè однесе технологијата некаде во неповрат, каде што си ја лајкуваме пропаста.

Сите се  среќни на социјалните мрежи!  Верни пријатели на тастатурите, скриени во собите зачадени од цигари. Секој се лаже себе за сопствените емоции и лесно му е затоа што мониторите  трпат сè, додека од светот ги криеме очите и кога ни се насмеани и кога ни се насолзени. Колку само пати сте ставиле ,,смајли” додека плачете? Колку само пати се сликате во ресторани, насмеани, нашминкани за да му кажете на светот колку ви е убаво?

“Нека пукнат сите, ќе се дотерам, ќе се сликам па нека мислат дека ми е подобро од нив”-честа мисла што  сите ја имаме во една ќелија од мозокот.

Пред животите и секојдневието кое не меле во машина  си ставивме по еден # (xaштаг) , се изгубивме во знаците. Патоказот ни е замаглен од селфи и од зборови кои за воља на вистината не сакам да ги разберам.

Пиевте ли денес кафе со комшијата на skype?. Многумина тоа го прават. Затоа сме странци со најблиските, затоа сме сами опкружени со милион луѓе.

Застанете пред огледало, разговарајте со себе и прашајте се- КОЈ/А сум јас?

Тој/таа што се смее на сликите или личност што денес имаше реални емоции, реални разговори и вистински настани?

Несвесно создаваме проблем со идентитетите, градиме заблуди за луѓето. Демек ги запознаваме, а всушност  и тие се лажат себе за сопственото ЈАС.

,,ЈАС” – колку тоа г(о)рдо звучи!

Ќе се вратам на разговорите и  на запознавањата, затоа што тука лежи проблемот. Лага е секој стикер, заблуда е секој звук што ви титка на телефонот. Тоа се  смислувани реченици избришани 7 пати.Не гледаме ниту  еден гест, ниту слушаме воздишка. Денес и јас и вие сигурно прочитавме сервирани зборови со милион значења. Но  јас и вие не сме жртви, туку соучесници, затоа што исто така и возвративме.

,,Шерни го кај тебе, он не ми е френд, го делитнав зошто ме ставил реcтриктет ама пак сакам да види што сум споделила, па макар и срцепарачка песна да е. Стави го паблик и напиши филинг прауд” – поздрав мој најубав Македонски јазик, несвесно ја заборавив твојата голема вредност!

Децата  ни останаа неписмени, неуки, книга немаат прочитано. Писменaта работа им е од Wikipedia. Google ги знае сите заплети, кулминации и расплети.

Нема потреба ни пари да имаме. Зошто би оделе на одмор? Фотогалерии има од каде сакате, доволно убава резолуција за журка во главата.

И доаѓа ноќта, топла тивка и пеколна. Сами сме, секој со својата вистина. Во еден момент надоаѓаат сите вистини кои не ги признаваме на статусите полни со коментари, а коментарите со печатни грешки изгубени во нелогична интерпункција. Пред очите се вртат слики на кои царуваат лажни насмевки осветлени со ефекти. Тонат сите бродови.  Започнува игра во сржта на сите повредени суети и виртуелни караници. Настапуваат огледалата, во нив нема ефекти ниту бои. Има само вистина,а вистината знае да боли.

Морам сега да престанам, ова веќе во поезија се претвори, сега не е ,,ин” да си сонувач. Всушност и нема да ми ја цени никој поезијата бидејќи денес популарни се некои типови кои внесоа “софистицирана вулгарност,,(ако таква постои) во своите дела на социјалните мрежи. Културните пцовки помешани со неколку нежни зборови создадоа ,,виртуелна книжевна елита”.

За ова ,,виртуелна книжевна елита” треба да ставам една импровизирана фуснота

*За сите што го читате текстов, општеството малку ни излезе од колосек. Не треба да постои таква елита.  Драги деца, средношколци и студенти земете книги и прочитајте нешто. Ако нема пцовки,сленгови и фраерски реченици од типот “емотивен сум ама не сакам да покажам” значи сте направиле добар избор.

Сега драги мои читатели морам да одам да лајкувам, проверете ми некоја печатна грешка.Можеби е случајна, а можеби ја оставив намерно за да ви покажам дека во денешно време  деталите престанаа да бидат важни. Не ги заборавајте огледалата  и секако ставете ми лајк или шернете. Тоа денес стана мерка за почит.

P.S Останете ПОЗИТИВНИ.

Подготви: Ирена Мрческа