Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКој е Ѓорѓија Сајкоски, новиот ген-сек на ВМРО-ДПМНЕ?

Кој е Ѓорѓија Сајкоски, новиот ген-сек на ВМРО-ДПМНЕ?

Ѓорѓија Сајкоски е избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ кој на оваа функција доаѓа по повлекувањето на Игор Јанушев. Станува збор за кадар од Кичево кој досега највисока државна функција вршел како заменик министер за локална самоуправа, и е актуелен пратеник во Собранието од редовите на опозицијата.
„Почитувани членови, симпатизери, пријатели, браќа и сестри: Сакам да ја изразам мојата огромна благодарност за довербата што ми е дадена од страна на Централниот комитет и претседателот Христијан Мицкоски за да ја извршувам функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. За мене тоа претставува посебна чест и задоволство, но истовремено и обврска, заложба и борба за конечен пад на оваа не народна власт. Претстои период на партиско сплотување, зајакнување на структурите и политики кои ќе произлегуваат од народот и за народот. Ветувам дека ќе биде отворена вратата кај мене за сите членови, симпатизери и нови луѓе, добронамерни луѓе со кои заедно ќе ја поразиме оваа власт. Одиме заеднички во победи! Да живее ВМРО – ДПМНЕ! Да живее МАКЕДОНИЈА!“ порача Сајкоски по неговиот избор.

Ѓорѓија Сајкоски е роден во Кичево и е доктор на историски науки. Сајкоски е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во сегашниот состав на Собранието.

Сајкоски има извршувано и повеќе партиски функции и тоа бил член на избирачки одбор номиниран од ВМРО-ДПМНЕ во сите изборни циклуси од 1998 до 2006 година. Бил претседател на Месен Комитет Девеана, во склоп на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2004 до 2008 година. Исто така Сајкоски бил претседател на комисија за култура под ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2004 до 2010 година. Претседавал со Советот на Општина Кичево и бил исто така координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2013 година. Членувал во Комисија за локална самоуправа од 2010 до 2014 година. Сајкоски исто така бил и потсекретар период од 2011 до 2015 година. А, е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кичево 2010 до 2020 година.

„Членовите на Централен Комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избраа и му дадоа поддршка на Сајкоски бидејќи веруваат дека тој одговорно ќе ја врши функцијата Генерален секретар и ќе ги застапува конкретните политики на партијата кои ќе придонесат да се насочи Република Македонија на вистинскиот пат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ