Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКаракачанов не престанува со своите провокации

Каракачанов не престанува со своите провокации

Не престануваат бруталните закани, уцени и притисоци од лидерот на ВМРО-БНД и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, во однос на предвидениот почеток на преговорите со Европската унија, на Македонија. Во своите изјави, официјални интервјуа и најави, тој постојано потенцира дека нашата земја, преку комисијата, мора да ги прифати бугарските историски толкувања, околу минатото на Македонија, сите историски настани, револуционери и дејци, да ги прифатиме како етничко бугарски.

Последно, даде изјава дека тројца неписмени, недообразовани наставници ја создале македонската азбука.

„Вие ја имате историјата на Републиката, го имате чинот на Коминтерната од 1933 година, кога се формираше нацијата, ја имате 1944 година, кога го формиравте вашето писмо. Постојат фотографии на кои се гледаат тројца или четворица наставници кои не го довршиле школувањето во Бугарија, и таму станале професори, направиле нова азбука. Но, не допирајте ја историјата до 1944 година – историјата на бугарскиот среден век, цар Самуил, не допирајте го Кирил и Методиј, Климент Охридски, не допирајте ги бугарските револуционери како Гоцe Делчев или учесниците во бугарската преродба како Рајко Жинфизов“, рече Каракачанов.

Според него, македонската историја може да се дискутира само во контекст на Југославија.

Премиерот Зоран Заев, е се уште оптимист и верува дека ќе се реши и спорното прашање за Гоце Делчев.