Saturday, Apr 27, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААтласКаде живеат највисоките луѓе во светот и на кое место се Македонците?

Каде живеат највисоките луѓе во светот и на кое место се Македонците?

Според истражувањето на лондонскиот „Импиријал Колеџ“ од 2014 година, Холанѓаните и Летонките се највисоки луѓе на светот. Во претходното такво истражување, спроведено пред цело едно столетие, приматот им припаѓал на Швеѓаните. Но, тие денес се далеку од првото место.

Со просечна телесна висина од 183 сантиметри, Холанѓаните се за дури 10 сантиметри повисоки од Швеѓаните пред еден век. Ист е случајот и кај жените. Летонките денес се во просек за 10 сантиметри повисоки од Швеѓанките во 1914 година.

Најниските мажи на планетава, пак, со средна висина од 157,5 сантиметри, потекнуваат од Источен Тимор, иако, сепак, нивниот просек е зголемен за пет сантиметри во однос на истражувањето од 1914 година. Најниските жени, високи 147 сантиметри во просек, живеат во Гватемала.

Од нашето поблиско соседство, во топ 10 листата како највисоки мажи, на шестото, седмото и осмото место, се жителите на Босна и Херцеговина (180,9 сантиметри), Хрватска (180,8 сантиметри) и Србија (180,6 сантиметри). Пред сто години, Босанците биле 19-ти, Хрватите 22-ри, а Србите 30-ти на листата.

Македонците не заостануваат премногу. Мажите пред сто години биле високи во просек 166,5 сантиметри, а денес – 178,3 сантиметри што, сепак, не не сместува во топ 10-те највисоки нации.

Што се однесува до женската категорија, Македонките денес се високи во просек 159,8 сантиметри, што е за 10,2 сантиметри повеќе отколку пред 100 години. 3а споредба, Србинките, кои во 1914 година биле на 93-то место денес го заземаат петтото место со средна висина од 167,7 сантиметри.

Истражувањето кое опфаќа 200 земји во светот имало за цел да ја покаже промената во висината кај мажите и жените од овие нации во интервал од сто години.

Интересно е да се истакне дека најмногу „пораснале“ Иранците (за 16,5 сантиметри) и Јужнокореанките (за 20,2 сантиметри). Британците и Британките денес се повисоки за околу 11 сантиметри во однос на 1914, а пак Американците и Американките се повисоки за 6, односно 5 сантиметри.

И покрај предрасудите за Кинезите околу тоа дека тие се низок народ, науката вели дека и тие се повисоки од пред сто години за 11 сантиметри (мажите) и 10 сантиметри (жените).

Следат топ 10 листите во машка и женска категорија. Во заградите е посочено на кое место се наоѓала соодветната нација на листата од истражувањето во 1914 година.

Мажи:

1. Холандија (12),

2. Белгија (33),

3. Естонија (4),

4. Летонија (13),

5. Данска (9),

6. Босна и Херцеговина (19),

7. Хрватска (22),

8. Србиja (30),

9. Исланд (6),

10. Чешка (24).

Жени:

1. Летонија (28),

2. Холандија (38),

3. Eстoниja (16),

4. Чешка (69),

5. Србија (93),

6. Словачка (26),

7. Данска (11),

8. Литванија (41),

9. Белорусиja (42),

10. Украина (43).