Wednesday, Oct 18, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитика„Југохром“ ќе стави филтри за да спречи загадување и ќе почне да работи догодина

„Југохром“ ќе стави филтри за да спречи загадување и ќе почне да работи догодина

jugohrom

Фабриката „Југохром“ од Јегуновце ќе почне со работа кон крајот на мај или на почетокот на јуни наредната година, а планирано е да се постави филтер за отпрашување на печките 7 и 8 за да се спречи загадувањето.

Ова беше истакнато на денешното потпишување на меморандумот за разбирање помеѓу Владата и „Југохром“.

– Фабриката ќе продолжи да работи, сопственикот ќе инвестира во системот за отпрашување, односно во поставување филтри. Владата се обврзува да ги сервисира побрзо административните процедури – рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Претставникот од „Југохром“, Васко Скендеровски, увери дека „Југохром“ нема да работи без филтри и најави дека тие етапно ќе се поставуваат.

Тој рече дека градежните работи на терен се почнати, а исто така потсети дека претходно имале рок од две години за да го постават системот за отпрашување, што не беше испочитуван поради неможноста да ги добијат потребните дозволи од институциите, а потоа не им било дадено продолжување на рокот.

Целата инвестиција за системот за отпрашување чини 12 милиони евра и ја обезбедил сопственикот на фабриката.

„Југохром“ целосно го запре производствениот процес на 2 ноември 2016 година, со што околу 800 вработени останаа без работа. Раководството на комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Испекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер-станица, кој истече на 30 октомври 2016 година.