Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈа откажа ли Иванов средбата со Хојт Ји за да распали скара?

Ја откажа ли Иванов средбата со Хојт Ји за да распали скара?

Претседателот Ѓорге Иванов на  1 мај има однапред испланирани работи, поради што нема да го прими заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, јавува „Мета“.

„До Кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше упатено барање за средба со заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, но со оглед на претходно утврдените обврски на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, нема можност за реализација на таква средба“, велат во кабинетот, без притоа да соопштат што се наоѓа на агендата на Иванов на 1 мај, Денот на работничките права, на кој традиционално се палат скарите,

Ова не е прв пат Иванов да одбие да прими странски дипломат. Тој неодамна одби да го прими еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, поради тоа што доцна се враќал од посетата на Унгарија, а исто така и немал што да им каже, бидејќи не го променил ставот за доделување на мандатот за формирање нова влада.

Посетата на Ји доаѓа речиси два месеци откако од Загреб го повика Иванов да ја ревидира одлуката за доделување на мандатот.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.

Ји во понеделник ќе се обиде да помогне во надминувањето на политичката криза. Тој за време на еднодневната посета ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирање нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи на евроатлантските интеграции.