Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов побара храбри одлуки за решавање на конфликтите во Истанбул

Иванов побара храбри одлуки за решавање на конфликтите во Истанбул

Ѓорге Иванов во Истанбул, на Светскиот хуманитарен самит во организација на Обединетите Нации, порача дека само храбри лидери може да носат правилни одлуки за решавање на актуелните конфликти низ светот, како и да креираат превентивни и усогласени политики за подобро справување со идни закани за човечкото достоинство.

„Агендата за хуманост има за цел ставање крај на страдањата со кои се соочуваат милиони. Република Македонија силно ја поддржува оваа агенда и повикува на храбро политичко лидерство“, порача претседателот Иванов.

ivanov samit istanbul

Претседателот Иванов истакна дека конфликтите се шират и продлабочуваат побргу отколку што се решаваат и отстрануваат.

„Имаме најчесто задоцнета дијагноза, со реактивни, наместо превентивни мерки, со краткорочни и болни одлуки, наместо долгорочни и побезболни решенија. Неопходно е навремено, кохерентно и одлучно политичко лидерство што ќе се бави со причините, наместо со последиците на кризите“, истакна Иванов во обраќањето.

Покрај со домаќинот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, претседателот Иванов за време на самитот ќе оствари формални и неформални средби со повеќе лидери, а ќе се обрати и на пленарната сесија на самитот.