Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов и Ердоган го потврдија развојот на односите меѓу Македонија и Турција

Иванов и Ердоган го потврдија развојот на односите меѓу Македонија и Турција

Претседателот Иванов оствари средба со претседателот Реџеп Таип Ердоган во рамките на посетата на Турција и на истата било разговарано за актуелните политички состојби во двете држави и важноста за меѓусебна поддршка. Акцент е ставен на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и економските односи.

На средбата претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во југоисточна Турција. Турскиот претседател Ердоган изразил сочувство и жалење за поплавите што се случија на 6 август во Скопје. Во тој контекст претседателот Иванов се заблагодарил за помошта од Република Турција која беше несебична.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Иванов, било договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза. Двајцата претседатели се согласиле за потребата од потесна билатерална соработка, но и соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.

На средбата двајцата претседатели взаемно се информирале за актуелните политички и економски состојби во двете земји. Претседателот Иванов повторил дека Република Македонија ја поддржува демократски избраната влада на Република Турција.

Претседателот Иванов истакнал дека го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турција и повикал на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање. Македонскиот претседател порачал дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Турција на покана на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Во рамки на посетата, претседателот Иванов присуствува на свеченото отворање на третиот мост над Босфорот „Јавуз Султан Селим“. На свеченото отворање присуствуваат и бројни државни претставници.

Извор: utrinski.mk