Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаИнституциите се уште без одговор за сомнежите околу преземањето на Макепетрол

Институциите се уште без одговор за сомнежите околу преземањето на Макепетрол

Една недела по доставувањето на јавната понуда од анонимната компанија „Балкан Петролеум Холдин Лимитед“ за преземање на акциите на „Макпетрол“, македонските институции и натаму молчат околу сомнежите кои се појавија во јавноста околу потенцијалниот купувач.

Како што објавија медиумите, компанијата, регистрирана во Лондон, а со потекло од Кипар и Девствените Острови, е поврзана во компликувани офшор-шеми. Имињата на сите бизнисмени поврзани со „Балкан Петролеум“, пак, се појавуваат во низа скандали во минатото – од обвинувања за корупција и перење пари, до поврзаност со руската мафија. И покрај апелите од домашните експерти до институциите, сериозно и темелно да се истражат овие сомнежи, во институциите и натаму владее молк.

Комисијата за хартии од вредност досега не излезе со никаков став околу понудата, а берзанскиот регулатор не реагираше ниту на обвинувањата од „Макпетрол“ дека „Балкан Петролеум“ ги прекршил процедурите, кога противзаконски контактирал дел од акционерите и пред доставувањето на понудата до КХВ. Токму однесувањето на Комисијата за хартии од вредност, според познавачите, ќе биде показател на односот на државата кон овој случај.

Од друга страна, деновиве во јавноста се појави извесен Александер Каплан, кој се претстави како инвеститор од „Балкан Петролеум“, иако неговото име не фигурира никаде во сопственичката структура. Во интервјуто дадено за еден интернет портал, Каплан тврди дека компанијата, формирана пред само еден и пол месец, е сериозен играч, но испушта да наведе делови од својата биографија кои го поврзуваат со контроверзниот украински бизнисмен Сергеј Курченко, кој е на црната листа на ЕУ поради своите матни корупциски зделки.

Експертите веќе се изјаснија дека не само КХВ, туку и Управата за финансиско разузнавање, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Финансиската полиција мораат да ја исполнат својата најважна улога – да ја заштитат македонската економија од црниот капитал и да ги испитаат сите наводи за матните биографии на руско-украинско-израелските бизнисмени поврзани со „Балкан Петролеум“.

Сепак, додека во јавноста растат сомнежите, а секојдневно се појавуваат нови информации за инволвираноста на клучните луѓе на „Балкан Петролеум“ во скандали, ниту една институција во земјава не се огласи и не покажа дека ги бара одговорите на клучните прашања – кои се вистинските луѓе зад обидот за преземање на најголемата домашна нафтена компанија и од каде потекнуваат парите со кои една сомнителна офшор фирма се обидува да влезе во нафтениот бизнис во земјава?

Извор: plusinfo.mk