Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаИнспекции во април догодина ќе проверуваат колку била успешна акцијата „Ден на дрвото“!

Инспекции во април догодина ќе проверуваат колку била успешна акцијата „Ден на дрвото“!

Април догодина е месецот клучен за успешноста на акцијата „Ден на дрвото“, со која се планрираше засадување на три милиони дрвја на над 930 хектари земја. Во текот на месецот инспектори ќе излезат на терен за да утврдат колку од садниците биле успешни, а колку од финансиските средства дадени за нив ќе бидат попусто.

Жарко Караџоски, директор на ЈП “Македонски шуми”, вели дека дотогаш треба да биде готов извештајот на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, според кој ќе се види колку точно дрвца биле засадени, и кои биле успешно засадени, а кои се исушиле и не се фатиле. Тој објаснува дека на 930 хектари, всушност, треба да се насадат 3,5 милиони садници, но вчера било планирано да се засадат само еден миллион садници, а останатите треба да ги засадат вработените во ЈП “Македонски шуми”.

“Да не се лажеме дека во еден ден со акцијата ќе се засадат 3,5 милиони садници. За вработените од ЈП ‘Македонски шуми’ секој ден е ден на дрвото, бидејќи постојано работиме на пошумување. На овој ден само ги повикуваме граѓаните да се вклучат во акцијата”, вели Караџоски.

Претставници на ЈП “Македонски шуми”, според Караџоски, ќе внимаваат за време на акцијата сите планирани дрвца да бидат засадени, односно да не се случи учесниците да си ги „позајмат“ за по дома.

“По завршување на акцијата, откако ќе ги посадиме сите 3,5 милиони садници, Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе излезе на терен и ќе преброи колку дрвца се засадени, кои се фатиле, а кои се исушиле, и врз база на тој извештај, најверојатно, ќе добиеме налог на местото на исушените да пресадиме нови”, вели Караџоски.

Тој објаснува дека за организација на целата акција и набавка на садниците од буџетот на ЈП”Македонски шуми” се потрошени 56 милиони денари.

Од опозициската СДСМ, минатата година на „Денот на дрвото“, повикувајќи се на нивни сознанија и податоци од Државниот завод за статистика, објавија дека за четири години шумскиот фонд се намалил драстично и покрај акцијата за садење дрва. Во 2008ма година биле пошумени 2,800 хектари а во 2012та година пошумената површина била 1,400 хектарои, велат од СДСМ.

“Не е точно дека е двојно намален шумскиот фонд бидејќи, според снимките на НАСА, на кои како претпријатие сме претплатени, Македонија со уште има висок шумски фонд, во однос на регионот. За намалување на шумскиот фонд влијаат повеќе фактори, како што се природниот прираст, климата, пожарите. Само во пожарите во 2007 година беа уништени 300 хектари шумска површина, а веќе следната година почна акцијата за пошумување. Битно е да се каже дека 50 отсто од шумскиот фонд се самообновува, а остатокот се обновува со вакви акции”, вели Караџоски.

Денеска се одржа 16тата по ред акција за садење дрва организирана од граѓанското здружение “Ден на дрвото – засадија својата иднина”, а со поддршка од Владата.

Според информации добиени од Здружението, досега се засадени 50 милиони дрвја, а според Државниот инспекторат за земјоделство, досега се зафатени 60 отсто од посадените дрвца.