Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионГрција и се налути на Србија поради Македонија

Грција и се налути на Србија поради Македонија

Расте нетрпението помеѓу традиционалните сојузници. Како што јави грчката телевизија Скај, Атина упатила демарш до Белград по високиот тон за наводните намери на Грција да го признае Косово и за наводните барања на Србија од ЕУ да го реши спорот за името со Македонија.

Според она што го пренесе Скај, Атина била „иритирана“ од српската позиција околу Косово и Македонија, бидејќи Србија си дозволила да ја признае нашата држава под уставното име без да води сметка за интересите на Грција, а сега бара од неа да не го признава Косово, иако самата во практика ги подобрува односите со бившата покраина. Бидејќи самото тврдење дека Србија може да лобира, да притиска или да бара нешто од Брисел во однос на Македонија со статусот што го има во моментов, звучи научно-фантастично, по се’ изгледа Атина сака да се извади од гафот со признавањето на Косово, користејќи го српското признавање на уставното име на Македонија.

Или, пак, си отвора врата навистина да ја признае косовската држава. Сепак, според изворите на Скај, Србија во последно време повлекла серија несфатливи и провокативни потези за Атина, поради што таа реагирала со протестната нота.

Повод за кавгата беше посетата на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, на Приштина, каде што според медиумите најавил дека Атина се подготвува да ја признае државноста на Косово, нешто што се обиде потоа неуверливо да го демантира. Одговорот на грчкото МНР на реакциите од Србија е „дека Атина само ги спроведува договорите склучени од 2000 и 2013 година, кои не се нешто ново за владата во Србија и се добро познати“.

„Во практика, Србија се обидува да ги подобри односите со Косово, наспроти јавната слика што ја создава по тоа прашање на домашната сцена“, навеле од грчкото МНР, додавајќи дека признавањето на Косово од страна на Атина „не е работа на сегашниот миг“ и дека Грција води сопствена надворешна политика базирајќи на сопствените национални интереси. Притоа, од грчкото МНР, со незадоволство посочиле дека Атина седум години ја поддржувала кандидатурата на Србија за прием во ЕУ, а Белград „брзал да ја признае“ Македонија, следејќи ги своите тесни интереси.

Дека Грција на Алексис Ципрас не им робува на сојузништвата и на традиционалните пријателства, се виде и од односот на новата грчка влада кон Европската унија, поради што во европските кругови нејзината надворешна политика, покрај останатите, веќе се става во графата „непредвидлива“. Ова е првпат на своја „кожа“ тоа да го почувствува и Србија, а што беше доживеано како позитивна промена во однос на Македонија по првата посета на грчкиот шеф на дипломатијата на нашата држава и најавените мерки на доверба.

Од Атина вчера стигна и информацијата дека министерот Никола Попоски е поканет во официјална посета во Грција во октомври и ако се оствари, покрај мерките ќе се разговара и за спорот за името меѓу двете држави, при што Коѕијас најавува некаква дипломатска офанзива. Како што јавија грчките медиуми, преговарачот Адамантиос Василакис за таа цел деновиве бил во Софија, официјално, бидејќи Атина сака решението да ги задоволи и соседите, а според најавите од порано, тој сака да си ја зајакне својата преговарачка позиција во спорот, иновирајќи ја и Бугарија, која исто така ни става вето во ЕУ.

Исто така се јавува дека Василакис бил на средба и со Метју Нимиц во Њујорк за да се искористи создавањето преодна влада во Македонија да се реши спорот за името, нешто што како можност веќе е предмет на шпекулации и кај нас. Заедничко во овие два случаи е дека новата грчка влада демонстрира поголема подготвеност и флексибилност за решавања на отворените прашања, при што тоа што ќе го прифати за Македонија оди на нејзиното политичко конто, во минус или во плус, тоа што ќе го реши за Косово, главно ќе ја погоди Србија. Пораката на Атина до Белград по се’ изгледа е дека Србија не може да бара од Грција да биде „поголем папа од папата“, т.е. да не си го дозволува и тоа што си го дозволува самиот Белград.