Friday, May 17, 2024
HomeДЕНЕШНАСветВидео: Гореа бегалски кампови во Хиос и Дизелдорф

Видео: Гореа бегалски кампови во Хиос и Дизелдорф

Седум бегалци се приведени и причинета е голема материјална штета во пожарот и инцидентите кои избија во бегалскиот центар Суда на Хиос. Половина од бегалскиот камп изгоре во пожарот кој започна по протест на еден бегалец од Ирак против условите за живот во центарот. Бунтот на бегалецот брзо се разви во масовен протест против одлуката да бидат затворени во центарот речиси 2.5 месеци. Бегалците палеа контејнери за ѓубре, а за брзо време пожарот зафати голем број од шаторите на бегалците, но и шаторите и канцелариите на УНХЦР и други невладини организации во кампот. Веднаш реагираа грчката полиција и противпожарна служба, а од центарот беа евакуирани жените и децата.

Според информациите во Грција, по пожарот околу кампот се собрале членови на Златна зора кои извршиле напад врз бегалците. Удирале и по деца, но и по медицински лица кои се обидувале да им помогнат на бегалците. Нападнал бил и болничар од болницата на Хиос, кој поднел тужба против членови на Златна зора. На Хиос според официјалните владини бројки има 2491 бегалци, иако во двата центри на островот има капацитет само за 1100 луѓе. Пожарот и уништувањето на кампот на Хиос е трет по ред, по минатонеделните пожари и инциденти во бегалските центри на Лезбос и Самос.

Во Германија, пак, силен пожар го зафатил просторот на градскиот саем во Дизелдорф кој што се користи како сместувалиште за бегалци од повеќе блискоисточни и северноафрикански земји, јавува дописникот на МИА од Берлин. Во пожарот што денеска околу пладне ја зафатил саемската сала во која се сместени 280 бегалци според противпожарните екипи нема жртви откако сите луѓе што биле во салата биле евакуирани.
Germanija Dizeldorf, pozhar migranti
Засега нема информации за причините за огнот кој брзо го зафатил целиот објект. Минатата година во Германија се случија десетици инциденти во кои противници на политиката на отворени врати кон бегалците подметнуваа пожар во бегалски кампови. Германските судови досега расчистиле само околу 5 проценти од сите инциденти во кои биле нападнати бегалци.